Откриената терористичка група, ќелија на ИСИС, формирана од четири лица, а во која членувале и други засега непознати лица, планирала терористички акт на цивилни цели и јавни објекти, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тошковски посочи дека секторот за борба против тероризам на 15 декември до Основното јавно обвинтелство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четири лица од Гостивар и Струга, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од КЗ.
– Првопријавниот на почетокот на 2024 година создал терористичко-злосторничка организација во која членуваат и останатите лица, како и уште неколку засега непознати лица. Сите заедно формирале терористичка организација, ќелија со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цивилни или т.н. меки цели, односно јавни објекти на територија на Македонија. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Telegram каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади, рече Тошковски.
Прашан за терористичката организација, Тошковски изјави дека нивната интенцијата била да и нанесат болка на Македонија и на македонските граѓани.
– Имаме голем број докази за тоа и тие лица се во притвор. И во иднина јасно, прецизно и соодветно ќе одговориме на сите останати кои ќе се обидат на ваков начин да влезат во одредени терористички организации, кои ќе сакаат да нанесат болка како на македонските граѓани, така и на било кои други граѓани во било која држава. Има основани сомненија дека сакале да делуваат не само во Македонија, туку и надвор од Македонија, рече Тошковски.
Претходно Основното јавно обвинителство информираше дека и со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.