Македонија ИНТЕРВЈУ

Интервју со пратеничката Ангелова: За реформите во образованието, жените во македонската политика и изборите кои следуваат

Ангелова неодамна истакна дека силата на жената е во нејзината способност да инспирира, да обединува и да твори промени! Ако тоа е така, ја прашавме, како какви можеме да ги дефинираме жените во македонската политика.

Интервју со пратеничката Ангелова: За реформите во образованието, жените во македонската политика и изборите кои следуваат

Еден од основните столбови на државата е со сигурност образованието, а во него изминативе месеци се случуваат крупни промени. Пратеничката Емилија Ангелова е една од гласноговорниците кога станува збор за целта – Македонија да добие поквалитетен образовен систем.

Во интервју за КУРИР, таа ги издвојува најважните реформи во овој сектор спроведени во изминатиов период.

-Навистина е нужно потребна голема реформа во образованието и промена на многу закони затоа што ако земеме предвид дека Законот за средно образование е од 1995-та година и не е променет воопшто. Општеството се менува, образованието се менува и тенденциите за подобрување на образованието се менуваат. Неопходно е да имаме и големи реформски промени во образованието. Она што е најважно во моментов е да истакнеме дека во Законот за средно образование многу се внимаваше на тоа да се даде поголема поддршка на талентираните ученици. Да се промени оној дел во кој што велиме дека треба да има кариерно советување и унапредување на учениците за да можат тие да имаат напредок и надоградување во областите каде имаат вештини и способности. Голема промена се направи во ученичкото организирање и учество кое во Законот за основно и високо беше предвидено, но во средно не и поради усогласување со другите два закони и ова беше вметнато. Промената во начинот на полагање на државна матура, сосема нова концепција и завршен испит… Она што во основното образование беше променето, што е многу актуелно и беше дел од голема расправа во Собранието и воопшто во државата, на барање на родителите и на многу општетствени чинители, беше дополнување на Законот за основно образование, за учебници во основно и средно образование, што подразбира отфрлување на родовата идеологија од законот. На таков начин се заштитија учениците од родовите перипетии во самото образование, дискриминацијата на учениците, се заштити и менталното и физичкото здравје на учениците. Може да се истакне и делот од законот каде што на студентите им се овозможи проширување на опсегот на студентскиот оброк, не само на студентите од првиот циклус студии туку и од вториот циклус. Со промена на законот за учебници во основното и во средното образование, овозможивме подобрување на квалитетот на учебниците, се преведоа учебници на сите јазици, дигитални учебници, рече пратеничката посочувајќи дека за промените направени во образованието уште долго може да се зборува.

Министерката Весна Јаневска, пред сè како наставник, а дури потоа како политичар, се заложи за предизвикот Македонија да има поквалитетно образование. На тој пат, неопходно е да има поддршка од законодавниот дом, од пратениците.

-Како пратеници од владејачкото мнозинство, секако дека ја поддржуваме нејзината визија затоа што таа како човек од фелата точно ги знае проблемите со кои се соочуваат и  образовните институции и образованието како целина. Нејзината заложба е да се вметне ред, еднаквост, квалитет во образованието и секако ние тоа како стратешка визија го поддржуваме целосно. Во рамките на мнозинството ја има потребната законска поддршка затоа што сакаме и ние да придонесеме во менување на образованието кон подобро. Меѓутоа морам да напоменам дека опозицијата во повеќе наврати покажува тенденција со која ги бојкотира сите овие законски измени односно не дава никаква визија или конструктивна алтернатива за некои законски решенија. Секако сме отворени да ги вметнеме во законите. Имаат единствено тенденција за политички профит и на тема образование што воопшто не е добро. И покрај сето ова ние остануваме посветени на промените во образованието затоа што навистина тоа се очекува од нас. Сакаме да придонесеме кон целосна реформа која ќе подразбира не политиканство, нема да подразбира политички поени туку ќе подразбира помош на родителите, учениците, на општеството, иднината нивна и иднината на Македонија, рече пратеничката.

Со неа разговаравме и за уште една важна тема – жените во политиката. Ангелова неодамна истакна дека силата на жената е во нејзината способност да инспирира, да обединува и да твори промени! Ако тоа е така, ја прашавме, како какви можеме да ги дефинираме жените во македонската политика.

-Жените во македонската политика јас денеска ги гледам како многу храбри и истрајни личности, кои што и покрај сите предизвици во општеството тие знаат да се наметнат со нивниот квалитет, да се наметнат со нивните вредности. Носат една посебна енергија жените затоа што тие знаат да обединуваат, да носат емпатични политики, знаат секогаш да бидат мотивот за поконструктивни дебати и знаат како нивната мисла да ја преточат во некое дело. Жената има сила на збор, жените имаат моќен говор, но жените се силни и во нивните дела. Тие знаат во секојдневието политички да ги донесат поедноставно работите онаму каде што припаѓаат. И ако треба жената политичарка денеска да ја дефинирам тогаш би ја дефинирала како жена што носи промени, жена која е градителка на мостови за обединување и жена која е двигател на нови, поемпатични политики. Дали ова е врвот? Не е. Навистина треба да се поминат уште многу бариери затоа што не секогаш жената политичарка е одобрена од мажите политичари. Но еве ние сме жив пример дека навистина можеме да придонесеме и да направиме голема промена, истакна Ангелова.

Во Македонија годинава граѓаните ќе избираат градоначалници и Совети на општините. Пратеничката одговори какви кандидати и резултати очекува.

-Кандидатите кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе ги кандидира ќе бидат најдобрите кандидати кои може да ги препознае и партијата, но и средината и целокупното општество. Чинам дека треба да бидат речиси слични со оние градоначалници кои ги имавме досега затоа што веќе четврта година се многу успешни во нивната работа. Тие се чесни, работливи, народни луѓе, луѓе кои донесоа навистина многу промени во општините. Сметам дека овие 42 градоначалници ќе се удвојат. Не можам да зборувам за бројки, но со самото тоа што народот ни ја даде довербата пред неполна година и веруваа во нашите политики, беше и дел од тоа политиките кои градоначалниците ги донесоа во општините. Сметам дека ќе биде многу голема бројката, голема ќе биде и за советниците, онаму каде има услови ќе биде и мнозинство. Мислам дека ќе имаме солидни, добри резултати и дека ќе славиме многу голема победа, рече пратеничката во интервјуто за КУРИР.

 

To top