Македонија Манифестација

Хрватска манифестација: „Македонскиот јазик е наш идентитет“

Голем број Македонци, студенти и ученици што го изучуваат македонскиот јазик, книжевници, музичари и други важни чинители на хрватската општествена стварност, со оваа манифестација чествуваа неколку значани јубилеи: 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Рацин и тоа токму во Самобор, 80 години од одлуката на АСНОМ македонскиот јазик да е официјален во македонската држава и 80 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – Шоповата „Песни“.

Хрватска манифестација: „Македонскиот јазик е наш идентитет“

Голем број Македонци, студенти и ученици што го изучуваат македонскиот јазик, книжевници, музичари и други важни чинители на хрватската општествена стварност, со оваа манифестација чествуваа неколку значани јубилеи: 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Рацин и тоа токму во Самобор, 80 години од одлуката на АСНОМ македонскиот јазик да е официјален во македонската држава и 80 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – Шоповата „Песни“. Носител на проектот беше македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб, под координација на македонистката што живее и работи во Хрватска, Ивана Брезовец, којашто напоменува:„Манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ за првпат се одржува оваа година. Нашиот јазик и книжевност имаат свои значајни личности и датуми кои заслужуваат достојно да бидат одбележани и надвор од границите на нашата земја. Мојата желба беше Самобор и Рацин да нѐ обединат и да бидат мостот кој нѐ поврзува. На исто место на македонски јазик да зборуваат најзначајните проучувачи кои посветено работат во промовирањето и проучување на делото на нашите основоположници, на нашите инспиративни поети, писатели, критичари, научни работници“.

Го имаме Рацин, кој е всушност канон, значи дека постоиме како култура, како јазик, како нација! Почетокот на официјализирањето на македонскиот јазик на Првото заседание на АСНОМ и градењето на нацијата не се без корен, иако нашите соседи и од југот и од истокот, упорно се обидуваат да се убедат себеси, Европа и светот, дека македонската нација е накарадно „посадена“ во една новоформирана бившојугословенска република од страна на југословенскиот „диктатор“, Јосип Броз Тито. Првата книга на македонски јазик во слободна Македонија напишана од Ацо Шопов, не е само резултат на борбата, туку и самата, тогаш, сѐ уште е и борба – борба со збор, но и со културолошки и општествен чекор што го распламтува македонското постоење како факт, но и како конкретно остварен, легален и легитимен чин, наспроти претходното третирање на употребата на македонскиот јазик за илегалност. Со книгата објавена во 1944 година, Шопов и ја остварува литературнојазичната заложба на Крсте Мисирков на дело.

Ова се дел од пораките што беа упатени на манифестацијата „Македонскиот јазик е наш идентитет“ што се одржа во преполната сала на Градската библиотека во Самобор, со финансиска поддршка на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска. Во централниот дел на манифестацијата одржаа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

„Силно светнал ден“ беше насловено предавањето на истакнатиот рацинолог, Весна Мојсова-Чепишевска, во коешто за првпат, на таков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на книгата „Бели мугри“ од Рацин, со осврнување и кон досегашните научни согледби. Во исто време, таа се осврна и на книжевната генеза на „Бели мугри“, но и воопшто на релациите на Рацин со Хрватска.

„Ако се согледа во целост Рациновиот творечки опус, нè запрепастува фактот дека тој воглавно е објавен токму во Хрватска. Некои од тие трудови, како расказот „Во каменоломот“ кој победува на литературниот конкурс на загрепското списание „Литература“ во 1932., или песната „До еден работник“ како прва авторска песна објавена на македонски јазик во XX век, конкретно во април 1936 година, во загрепското списание „Книжевник“ и особено поетската збирка „Бели мугри“ и визионарскиот манифест за раѓањето на новата македонска книжевност под наслов „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ повторно објавен во Загреб, во 1940 година, сите тие се од исклучителна важност за развојот на македонската книжевност и тоа од повеќе аспекти – литературно-историски, уметнички, јазички и теориски“, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Најнови вести од Македонија

To top