Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.