Курир: Кој е вашиот став околу оваа авантура на ВРЕДИ со паралелна, чисто албанска академија?
Грчева: Оваа идеа за чисто етничка, албанска академија е мртвороденче од самиот почеток. Во една држава има само една национална академија, кај нас МАНУ, формирана во 1967 година од Собранието на Република Македонија, односно од државата. За неа постои и специјален Закон за МАНУ. Значи, национална е затоа што е формирана и финансирана од државата. Патем, единствени критериуми за да се биде член на МАНУ се научните, односно уметничките достигнувања. И денес во неа членуваат припадници на повеќе етнички заедници, но тоа не значи дека се тие примени по некаков етнички “клуч“. Во секое претседателство на МАНУ има Албанец со висока функција. Моментално, еден од нив е потпретседател на Академијата. МАНУ имала и ќе има широко отворена врата за оние кои имаат врвни достигнувања во своите области. Ваквата идеа на “ВРЕДИ“ е утопија и обид за провинцијализирање на науките и уметностите и никако не за нивно унапредување како што сакаат да прикажат.
Курир: Што се крие зад намерата, кои се мотивите?
Грчева: Мотивите се јасни и немаат врска со унапредувањето на науките и уметностите. Се сака да се добијат политички поени кај албанските гласачи, но толкувањето може да биде и дека создавањето на етнички “дупликат“ на веќе постојната национална Академија е вовед во создавање на паралелни, чисто етнички институции, конечно и вовед во федерализација на, по Устав, унитарната држава. Не може локални заедници, кои се патем финансирани од сите граѓани во општините, да создаваат “национална“ и згора на сé чисто етничка академија на науки и уметности. Тогаш, ајде и секој куќен совет нека прави своја академија. Можеби во секоја зграда има некој нереализиран и незадоволен научник, кој би бил прв во научните достигнувања. Ама прв во зградата, не во државата.
Курир: Мислите дека навистина ќе ја реализираат „идејата“ и покрај противењето на МАНУ, сите македонски партии и албанската опозиција?
Грчева: Нема никакви шанси ваквата утописка и деструктивна идеа да помине низ Собранието. Кој ќе гласа за некаква втора национална академија? Сите партии, освен “ВРЕДИ“ се против, но се противат и академиците Албанци. Може секој да направи и да си финансира сам своја невладина организација, ако сака и за борба против гравитацијата. Но, државата ниту ќе формира, ниту ќе финансира паралелна академија на науките и уметностите. Ние немаме струкови академии како во некои земји, но и во тие земји има само по една национална академија. Кај нас тоа е, и ќе остане МАНУ, која е еден од најважните столбови на нашата државност.
Курир: Кој би бил ризикот и опасноста од воведување ваков паралелизам во институциите во Македонија?
Грчева: Како што веќе реков, не постои легален начин за формирање на таква паралелна, национална академија. Национална академија прогласува и формира само Собранието, а ја финансира државата. Според тоа, реален ризик не постои. Може да формираат Научно Уметничко Друштво (НУД), по примерот на Битола, но тоа никако не може да биде пандан на МАНУ. Тоа би било само здружение, како што се Културно Уметничките Друштва (КУД). Стравот постои бидејќи се изведуваат паралели со Државниот Универзитет во Тетово (ДУТ), кој беше легализиран. Но, една работа е да се легализира универзитет во држава со 23 универзитети, а сосема друга работа е да се направи паралелна национална академија. За ова не постои никаква легална рамка и приказната завршува со евентуално формирање на обично граѓанско здружение.