Македонија анкета

Граѓаните на Македонија со најниска доверба во ЕУ меѓу земјите кандидати за членство

Мнозинството граѓани на Македонија или 56 отсто имаат доверба во Европската Унија, покажуваат резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година.

Граѓаните на Македонија со најниска доверба во ЕУ меѓу земјите кандидати за членство

Мнозинството граѓани на Македонија или 56 отсто имаат доверба во Европската Унија, покажуваат резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година.

Исто ниво на доверба кон ЕУ како македонските државјани, изразуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина. Меѓу останатите земји кандидати за членство, довербата кон ЕУ е најголема во Албанија со 81 отсто, пред Црна Гора со 75, Косово со 70 и Грузија со 58 проценти. Пониска доверба кон ЕУ од македонските државјани изразуваат Молдавците и тоа од 52 отсто, што сепак укажува дека мнозинството граѓани на Молдавија, како и на останатите споменати земји кандидати веруваат во Унијата.

Пониска доверба кон ЕУ од 50 отсто имаат државјаните на Турција и тоа од 42 проценти и граѓаните на Србија од 38 отсто. Сепак, и ова податоци претставуваат пораст на довербата во ЕУ за четири проценти во Турција и за два отсто во Србија споредено со овогодишното пролетно истражување.

Доверба кон ЕУ од 38 проценти изразуваат и жителите на Велика Британија, што претставува пораст за шест отсто.

Кога станува збор, пак, за граѓаните на ЕУ, мнозинството од нив или 51 отсто веруваат во Унијата, што претставува највисоко измерено ниво на доверба на Европејците кон блокот во последните 17 години.

Според овие податоци, на рекордно највисоко ниво е и поддршката на Европејците за еврото, тие имаат пооптимистички поглед кон иднината и би сакале да видат посилна и понезависна ЕУ, особено во услови на актуелните глобални предизвици. Најголема поддршка кон ЕУ или 59 отсто од испитаниците искажале младите Европејци на возраст од 15 до 24 години.

Иста поддршка како кон ЕУ од 51 отсто, Европејците изразуваат и кон Европската комисија, со што таа е на највисоко ниво од 2007 година.

Речиси три четвртини од испитаниците или 74 проценти од државјаните на земјите членки на ЕУ велат дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, што претставува највисоко ниво во повеќе од две децении, додека 61 отсто од Европејците се оптимисти околу иднината на ЕУ.

To top