Македонија

Градоначалникот на Арачиново пред два месеци пријавил закани по живот, добил и полициско обезбедување

Градоначалникот на Арачиново пред два месеци пријавил закани по живот, добил и полициско обезбедување

Две лица се повредени во престрелка попладнево во Арачиново, Македонија.

Според информациите, со автоматска пушка било пукано кон автомобилот на градоначалникот Ридван Ибрахими.

Но, досега Ибрахими има неколку пријавено за закани по неговиот живот.

Последната пријава е од пред два месеци кога двајца браќа на возраст од 35 и 42 години во повеќе наврати му се заканувале преку телефон.

Откако Ибрахими ги пријавил, тие преку Вибер продолжиле со заканите, по што на градоначалникот му беше доделено полициско обезбедување.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца браќа за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице -градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник“, напишаа од ОЈО.

Претходно, пред една година во месец мај, исто така 69-годишно лице влегло во зградата на општината и на вработените им упатило закани по животот на градоначалникот.

Тогаш беше донесена одлука општината да не работи неколку дена, а причината според Ибрахими беа постојаните закани по живот упатени до него и другите вработени.

„На 23.05.2023 полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Р.А. (69) од с.Арачиново постапувајќи по претходна пријава од Р.И., градоначалник на општина Арачиново, кој пријавил во СВР Скопје дека, додека тој не бил присутен во општинската зграда, Р.А. пред други присутни лица упатувал закани по животот на градоначалникот, а во врска со предмет за доделување на користење на земјиште. По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста” по член 144 став 4 од КЗ на РСМ“, објавија тогаш од МВР.

Најнови вести од Македонија

To top