Собранието минатата недела го изгласа предлог-законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка, со кој се предлага продолжување на рокот на важност на законот за уште пет години, односно до 3 март 2031 година. Измените не предвидуваат поднесување нови барања, туку се однесуваат исклучиво на граѓаните кои веќе имаат поднесено документација и со години чекаат на решавање на својот предмет и добивање имотен лист.
За да Законот стапи на сила, потребен е потпис на претстедателката Гордана Силјановска Давкова. Поддршка за овој чин и целосно објаснување за целите на законот даде скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој во „За или против“ со Љупчо Цветановски детално објасни кои се реалните причини за ова пролонгирање на законот, чин со кој се решаваат човечки судбини на граѓаните кои во меѓувреме воделе судски или оставински постапки, закон кој нема никаква врска со некаков Нов закон, како што индолентно го преставува дел од неинформираната и желна за дневни политички поени македонска опозиција.
„Има предмети каде што се водат судски постапки, каде што во меѓувреме починал поднесителот, татко на детето кое треба да го преземет процесот на легализација. Станува збор за дорешавање на овие предмети и тука сакам максимално прецизен да бидам, не станува збор за никаков нов закон за легализација. Ниту јас, ниту претседателот на владата, ниту кој било пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ја се надевам и претседателката на државата од која исто така сме чуле дека не поддржува никаков нов Закон, дискутабилно е ние да зборуваме за Законот од минатото, кој е донесен тогаш, во кој не сум учествувал јас, ниту некој од нас и ние таму не можеме ништо да промениме. Но треба да ги решиме процесите кои се започнати“, посочува Ѓорѓиевски.
„Имаме две опции, на одредени лица на кои не им завршил судскиот спор, не ја стекнале целата оставинска постапка и целата доументација која што треба да ја достават да ги направиме помалку рамноправни од сите оние кои тоа го завршиле на време без овие проблеми со документацијата или пак втората опција – да ја завршиме постапката како што треба. А за да ја завршиме постапката како што треба нам ни требаше продолжување на рокот“, дообјаснува скопскиот градоначалник.
„И јас апсолутно ја охрабрувам нашата претседателка, која што е подобар познавач на правото од кој било во државата, мене ми била професорка и исклучително ја почитувам и знам дека никогаш нема да се доведе до ситуација да направи лош потег, ја охрабрувам да даде поддршка на ова, земајќи во предвид дека решаваме човечки судбини на граѓаните кои што во меѓувреме воделе некои судски постапки, оставински постапки итн. Со тоа ние затвораме еден циклус, едно законско решение, кое е дискутабилно како било донесено на времето, и ќе знаеме од каде почнуваме од нула. И тогаш ќе треба да почнеме категорично, као што и го правиме во скопските општини, да постапуваме против дивоизградените објекти“, заклучува Ѓорѓиевски во интервјуто за Тв Алфа со Цветановски.