Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, испрати силна порака дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
„Наместо да се жалиме, засукавме ракави и почнавме да работиме. Денес можеме гордо да кажеме дека Скопје полека застанува на нозе и оди напред“, нагласи Ѓорѓиевски.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно се доцнело по две плати, а се решавале обврски од околу 450 милиони денари.
Со првиот ребаланс на Буџетот за 2025 година е засилена наплатата и воведена финансиска дисциплина, а Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега“, потенцираше градоначалникот.
Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација.
Започната е изградба на 50 мини паркови низ Скопје и на Мега паркот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, кој ќе биде новото зелено срце на градот.
Големи вложувања се прават во образованието: изградени се спортски терени во шест средни училишта, обезбедени се 60 милиони денари за реконструкции, прочистувачи за воздух во секоја училница, целосна дигитализација, 86 милиони денари за енергетска ефикасност, лаптоп за секој првенец на генерација, воведување униформи за прва година, летни кампови за ранливи категории и целосно бесплатна психолошка поддршка за сите ученици – за првпат во историјата на Град Скопје.
Во инфраструктурата се откочени клучни проекти што со години стоеле заглавени. Кај клучката Момин Поток е исплатена експропријацијата и работите се во полн ек. Во тек е супервештачење за објект на булевар АСНОМ со што ќе се стави во функција таканаречениот мост за ловење риба во 2026 година.
Започната е Фаза 1 од булевар „Македонија“, наскоро стартува Фаза 2, а Фаза 4 ќе отпочне до крајот на 2026 година. Со завршување на сите фази, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница.
Во напредна фаза се и преговорите за експропријација на објектите на булевар „Борис Трајковски“, за чиј завршеток се веќе обезбедени средства, со што оваа клучна артерија конечно ќе функционира нормално.
Реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“ е во втора фаза, започната е и реконструкцијата на „Перо Наков“, а дополнителни 150 милиони денари се обезбедени за рехабилитација на помали улици. Во Буџетот за 2026 година има средства и за булеварите „Февруарски Поход“, „Цветан Димов“ и други сообраќајни решенија.
Во јавните претпријатија започна обнова каква што Скопје не памети – нови специјални возила за Комунална хигиена, Паркови и зеленило, ЈСП и Градски паркинг, нови контејнери и систем за воведување ред во хигиената.
Се инвестира и во зонското паркирање и нови монтажни паркинзи, како и во две монтажни гаражи во Клиничкиот центар кои ќе решат долгогодишен проблем.
Откочен е и најголемиот еколошки проект во историјата на градот – пречистителната станица за отпадни води вредна околу 185 милиони евра.
Во Водовод се реализираат десетици проекти за нови цевководи, атмосферска канализација, заштита од поплави и стабилно водоснабдување.
Со Флораком и Луна се обновува зелената инфраструктура и се враќа Луна паркот, кој ќе биде завршен во втората половина на 2027 година.
„После повеќе од една деценија лажни ветувања, конечно на децата ќе им обезбедиме современ простор за забава и спомени“, истакна Ѓорѓиевски.
Проширени се капацитетите на Лајка со инвестиција од 30 милиони денари, а над 90 милиони денари се обезбедени за реконструкција и опрема на културните установи, плус дополнителни 25 милиони денари за намалување на нивните обврски.
Паралелно со инвестициите, сериозно се намалуваат долговите – тековните обврски за над 4,6 милиони евра, кредитите за над 1,2 милиони евра, како и драстично долговите на јавните претпријатија: Водовод за 1,3 милијарди денари, ЈСП за 427 милиони, Комунална хигиена за над 130 милиони, Паркови и зеленило за над 80 милиони, Дрисла за 14,5 милиони и Градски паркинг за 41,6 милиони денари.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“.