Започна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и изградба на нова пешачка патека во општина Бутел.
Почетокот на активностите беше означен во присуство на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и дружење на граѓаните. Долж патеката ќе биде поставено современо лед осветлување, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило.
Во рамки на проектот предвидена е и изградба на нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите.
Со реализацијата на овој зафат, општина Бутел во соработка со Град Скопје продолжува со активности насочени кон подобрување на јавниот простор и квалитетот на живот на граѓаните.