Општинските инспектори се веќе на терен, а под контрола подлежат сите објекти од јавен карактер (угостителски, културни и др.). Ова во телефонска изјава за Курир го потврди претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде и дека седница на Управниот одбор на ЗЕЛС е закажана за во понеделник во 12 часот, а на истата ќе се разговара за повеќе теми, меѓу кои и за меѓусебно помагање на општините во разни сфери.
-Претставниците на локалните самоуправи ќе разговараат и за активностите кои се спроведуваат во координација со сите засегнати централни институции. Општинските инспекторати веќе се на терен во сите општини, вклучително и Општина Кисела Вода и се утврдуваат фактичките состојби, а податоците и состојбите од спроведените контроли наскоро ќе бидат познати, вели Ѓорѓиевски за Курир.
Тој е дециден во ставовите и порачува дека отстапки и прогледувања низ прсти нема да има за никој. Меѓу објектите кои ги проверуваат општините се и колективните станбени единици.
Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во Дневникот на Сител телевизија истакна дека во разговор со претседателот на ЗЕЛС дадени се насоки да се проверат сите објекти кои се под надлежност на општините.