Со сигурност можам да кажам дека во Ѓорче Петров, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи како никогаш до сега. Ви благодарам за вашата поддршка, вашата посветеност, Скопје да го направиме градот кој повторно ќе биде нашата гордост, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски од народниот собир во Ѓорче Петров.
-Вечерва сум тука пред вас не само да ви ја побарам поддршката, туку и да ви го дадам мојот збор дека по изборите секој еден од вас, кој сега е мојот глас до граѓаните, ќе оди гордо по ѓорчевските улици. Со крената глава ќе можете да го погледнете секој еден ваш сосед, роднина, пријател и ќе имате силен аргумент дека не сте барале поддршка само за политичари кои ветуваат туку за политичари кои ќе работат. Јас сум човек кој исполнува даден збор, посветено работи за своите граѓани, за својот град и општина. Знам дека заедно можеме да ја поведеме оваа наша битка, битка за нашето Скопје и таа битка ја почнуваме токму од овде денес од Ѓорче Петров, истакна Ѓорѓиевски.
Порача дека Скопје повеќе нема време за изговори.
-Скопје нема повеќе време за експерименти, на Скопје му треба докажана работа. На Скопје ќе треба да го дадеме својот максимум, со љубов и да гледаме на предизвиците како на решенија во перспектива. Можеме заеднички да изградиме град кој што ќе биде наша гордост, но и огледало за цела наша држава, истакна тој.
Ѓорѓиевски им порача на опонентите, дека Скопје нема време за втори шанси.
-Сакам само кратко да им порачам на нашите опоненти, јасно и гласно. Скопје нема време за театар, нема време за неуспешни обиди и нема време за втори шанси, истакна Ѓорѓиевски.
Тој претстави дел од проектите, кои ќе ги реализира како иден градоначалник на Град Скопје, и кои ќе го променат животот на скопјани.
-Нема да дозволам, вашето Ѓорче Петров да тоне во ѓубре. Тоа повеќе нема да биде случај како што имаме проблем во моментов. Нашето Скопје, но и Ѓорче Петров мора да бидат чисти. Мојата прва акција како градоначалник на главниот град ќе биде генералка на главниот град. Масовна акција во која што за 72 часа ќе си го исчистиме нашиот главен град, истакна Ѓорѓиевски и додаде:
„Веднаш потоа ќе следува 4 годишната програма, град без депонии со која моменталните диви депонии ќе станат минато зад нас. Сакам да најавам и за новиот резервоар за слаб притисок на водоводот во Ѓорче Петров. Во Ѓорче Петров, каде граѓаните со години се соочуваат со слаб притисок и со несигурност со водоснабдувањето ќе изградиме нов резервоар и пумпна станица на оризарски рид. Ќе обезбедиме стабилен притисок и сигурна вода која што ќе им служи на генерациите после нас“.
Ѓорѓиевски посочи дека не бега од проблемите, туку има решенија за истите.
-Ние не бегаме од проблемите ние ќе ги решаваме. Оваа битка не е само битка за поубави и почисти улици и паркови, ова е битка за душата на нашиот главен град. Битка за иднината на нашите деца да растат во метропола со европски вредности, но со македонски печат пред се, заклучи Ѓорѓиевски.