Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска објави дека остварил срдечна и конструктивна средба со амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер.
-Денес, со особено задоволство бев домаќин на делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, предводена од амбасадорката Анџела П. Агелер. Во делегацијата учествуваа и Дејвид Маерс, шеф на Политичко-економскиот оддел, како и Розита Мреношки, помошник за политичко-економски прашања. Ова е прва посета во градот Скопје на амбасадорката Агелер откако е на својата должност. Ја информирав за изборната програма, за динамиката на нејзина реализација и тековните проекти кои Град Скопје ги спроведува, вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот истакнува дека разговарале отворено за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години.
-Особено важно беше заедничкото согледување на потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа. Се согласивме дека само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество. САД се наш докажан и долгогодишен стратешки партнер. Поддршката што ја добиваме од Соединетите Држави во развојот на институциите, демократијата и економијата е од огромно значење за нашиот напредок. Уверен сум дека ова партнерство ќе се продлабочува и ќе продолжи да создава нови можности за жителите на Скопје. Продолжуваме заеднички да градиме силни врски, стабилност и перспективи, за Скопје што расте, се развива и го заслужува најдоброто, посочува градоначалникот на Град Скопје.