Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека Инспекторатот за животна средина изрекол казни кон правни лица – загадувачи во Скопје, отако во изминатите два дена биле спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен.
Ѓорѓиевски во информацијата што ја сподели во објава на својот Фејсбук профил ги повикува скопјани да пријават потенцијални загадувачи на следниот меил: [email protected].
-Нема толеранција за никого – изречени се казни на загадувачите во Скопје. Почитувани скопјани, Изминативе денови Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот. Според податоците од државниот мониторинг, беше пробиен дозволениот праг и состојбата бараше итна и решителна реакција. Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам. Во изминатите два дена беа спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица – загадувачи и јасно покажа дека законот важи за сите, напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најавува дека нема да застанат тука и оти ќе продолжуваат поинтензивно и поодлучно.
-Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција! За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца. Паралелно со репресивните мерки, Градот Скопје излезе и со низа препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои се јавно објавени и достапни за сите граѓани: https://skopje.gov.mk/…/19-12-25-soopstenie_preporaki…/. Овие препораки веќе се применуваат и се важен дел од заедничката борба за почист воздух. Воедно, сакам јавно да ја поздравам силната и континуирана заложба на Владата на Република Македонија за чекорите што за само година и пол, заедно со локалната власт, се преземени во насока на почист воздух. Тука спаѓаат Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување низ државата, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во Скопје, како и новите паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух и многу други мерки, вели скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски во објавата нагласува дека борбата за почист воздух е заедничка и апелира до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките.
-Секој поединечен придонес е важен. Но, за она што е во надлежност на Градот Скопје, порачувам јасно и недвосмислено дека нема да има никаква толеранција. Ред мора да има. Законот ќе се спроведува. А здравјето на скопјани ќе биде наш апсолутен приоритет, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
❗️Нема толеранција за никого – изречени се казни на загадувачите во Скопје
Почитувани скопјани,
Изминативе денови…
Posted by Орце Ѓорѓиевски – Orce Gjorgjievski on Вторник, 23 декември 2025