Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Африм Гаши, во периодот од 2 до 7 февруари 2026 година ќе престојува во официјална посета на Вашингтон, Д.Ц., Соединетите Американски Држави.
За време на посетата, претседателот Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), еден од најзначајните традиционални настани во САД, како и ќе оствари низа средби со американски конгресмени и претставници на меѓународни партнерски организации, со фокус на зајакнување на институционалното и политичкото партнерство.
Во рамки на агендата, претседателот на Собранието ќе се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, на кој учествуваат лидери од европските земји и претставници на Американскиот конгрес, каде што ќе се дискутира за инвестициите во областа на одбраната, регионалната безбедност и трансатлантското партнерство.
Исто така, претседателот Гаши ќе биде дел од панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.
Целта на посетата е продлабочување на односите со Соединетите Американски Држави и унапредување на соработката во областа на демократијата, безбедноста и интеграциите.