Прашањето за воведување на „Уставна жалба“ и евентуални измени на Уставот е чисто политичко прашање за кое е потребен консензус од 2/3 од пратениците, смета претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Тој на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека не поддржува парцијално отворање на највисокиот правен акт.
-Ова е сензитивно прашање. Штом ќе се отвори Уставот, секој сака да ја постигне својата политичка цел. Тоа може да доведе до правење поголем проблем отколку корист. Не мислам дека Уставот треба да се отвора ад-хок. Ако сакаме подлабока реформа, не треба да се отвора парцијално, туку преку поширока политичка и општествена дебата. Знаете дека во Собранието треба двотретинско мнозинство од пратениците за да се договорат да отворат Уставот. Сега не би коментирал, би оставил политичките партии да донесат одлука за тоа кога е потребно да се направи и околу кои прашања, истакна Гаши.
Во однос на дебатите за примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, тој рече дека на тоа треба да се гледа и од политичка и од експертска димензија, без ништо, како што посочи, да не се пречекува „на нож“, но со фокус на основната улога на Судот.
-Во однос на воведување на „Бадентер“ во Уставниот суд, можам да кажам дека сепак тоа не треба да биде табу тема. Треба да се разговара, но од два аспекта според мене – од аспект на политичка димензија и професионалниот аспект. Треба да го имаме предвид фактот дека Уставниот суд треба да ја одигра својата улога како што му е пропишана во Уставот, а тоа е да го брани Уставот и уставноста при донесувањето на законите во државата. Затоа не треба да имаме предрасуди кон темите кои водат кон квалитетно одлучување. Пред сè треба да имаме на ум каков Уставен суд сакаме да имаме – таков што ќе биде во најдобра можна ситуација да одлучува во однос на заштитата на Уставот и уставноста на законите во државата, рече Гаши.
Спикерот Гаши информира дека Собранието работи максимално експедитивно на реформската агенда и досега нема застој во гласањето на законите што пристигнуваат во архивата. Според него, брзината на процесот зависи од капацитетите на министерствата и комуникацијата со Европската комисија.
-Собранието работи експресно на реформската агенда. Процесот е посложен бидејќи министерствата ги изготвуваат законите, ги праќаат во ЕК на сугестии, па ги инкорпорираат забелешките пред да стигнат кај нас. Штом ќе се достават во Собранието, ние ги решаваме многу ефикасно. Моментално во Собранието имаме два закона – едниот за јавни обвинители, другиот за Советот на јавни обвинители. Очекуваме од Владата набрзо да дојдат повеќе закони, бидејќи знам дека таму се работи интензивно и има зголемен фокус во однос на ова прашање. Очекуваме дека во текот на годинава ќе имаме поголема ефикасност во однос на носење на законите од реформската агенда, рече Гаши.
Изнесувајќи го, како што кажа, својот личен став како дел од коалицијата, а не како претседател на Собранието, тој истакна дека кадровските решенија во извршната власт ќе бидат предмет на разгледување откако ќе заврши процесот на внатрешно окрупнување на коалицијата.
-Коалицијата ВРЕДИ се наоѓа во финална фаза на воспоставување на една политичка партија. Штом ќе се финализира овој процес, тогаш партиските органи ќе решаваат за своите претставници во извршната и во сите други гранки на власта. Во овој момент не треба да прејудицираме дали некој е прифатлив или не, одговори Гаши на прашањето за статусот на министрите Арбен Фетаи и Фатмир Лимани.
Во однос на тоа дали во Собранието се дискутира за нови пратенички групи или нови политички движења, Гаши нагласи дека не е известен за такво нешто.
-Кога кој пратеник или пратеничка група ќе се изјасни поинаку, го информира претседателот на Собранието, а јас ги информирам сите пратеници и јавноста. Така што, во моментот кога ќе бидам известен, ќе биде известени и јавноста околу секакви промени во пратеничките групи во Собранието, рече Гаши.
Претседателот на Собранието изрази оптимизам дека долгогодишниот проблем со паркирањето околу законодавниот дом ќе биде решен до крајот на 2026 година. Веќе е објавена постапка за партерно уредување на катната гаража.
-Процедурата трае 30 дена. Ако сѐ биде во ред, очекуваме во мај да почнат работите на терен, а до крајот на годината објектот да биде во функција, информираше Гаши.
Тој соопшти дека еден член за Судскиот совет е повлечен бидејќи комисијата констатирала дека не ги исполнува условите, поради што ќе биде распишан нов конкурс. Исто така, на 8 април се очекува пратениците да одлучуваат за новите вицегувернери, додека предлогот за нов уставен судија сѐ уште не е пристигнат. (МИА)