По обилните врнежи од дожд, нивото на реката Вардар во Скопје е забележително зголемено. Зголемен водостој на реките има низ државата, но како што информираат од ЦУК, излевања нема.
Екипите на регионалните центри за управување со кризи во текот на изминатото деноноќие поради обилните врнежи интервенираа на повеќе критични локации низ државата.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), на подрачјето на Битола се ангажирани екипи и механизација на јавните претпријатија и водостопанските компании за расчистување наноси и зајакнување насипи на повеќе делови од речните корита.

Поради ерозијата на патот кон Пелистер и кај село Цапари, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по патот А-3.
– Во Охрид и Кичево водостоите се зголемени, но нема излевања. Најризичен е делот кај улица „Прилепска“ во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали, сопшти ЦУК.
Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, без нанесена штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрва и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.

Од ЦУК потсетуваат дека на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ беше регистриран голем одрон поради кој сообраќајот беше во прекин. Патот е расчистен по една лента, а во тек се активности за целосно обезбедување на трасата.
Од УХМР информираа дека најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Крушево (34 литри на метар квадратен), а најмалку во Велес и Кавадарци (четири литри на метар квадратен).

Податоците од Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека во Претор наврнале 30 литри на метар квадратен, во Маврови Анови 28, во Лазаропое 23, во Прилеп и Пожаране 18, во Берово 16, во тополчани 14, в Радовиш 12, во Струмица и Попова Шапка 11, во Виница 10, во Тетово и Битола 9, на Зајчев Рид во Скопје, Куманово и Гевгелија 8, Ѓуриште 7, Скопје–Петровец и Штип 6 и Крива Паланка и Демир Капија 5.

Под влијание на нова циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Утре и за време на викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд со над 30 литри на метар квадратен за 24 часа, локално во форма на невреме со засилен ветер и грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат, а на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од слаб снег.