На граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Приведени се две лица од Куманово и Тетово.
Во врска со акцијата, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски на граничниот премин дадоа изјави за медиумите, при што истакнаа дека случајот е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на полициските и царинските службеници.
-Во заедничка акција која траеше неколку дена покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинска управа координирано работиме во неколку области. Мора да би да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Го сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа, истакна директорот Јанев.

Како што изјави денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски, двајцата возачи на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион, едниот од нив од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица.
– На Богородица е извршена детална контрола на камионот при што меѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.

– Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Две лица се лишени од слобода и против нив до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Овој случај е прв од многуте во иднина каде со заеднички сили ветуваме уште пожестока борба со криминалот, рече Николовски.