Македонија

Фокс Њуз за првиот круг од претседателските избори

Фокс Њуз за првиот круг од претседателските избори

Северна Македонија ќе оди во вториот круг од претседателските избори, откако ниту еден кандидат не обезбеди доволно гласови за да победи во првиот круг од вчерашното гласање, што се одржа во време кога земјата се обидува да влезе во Европската унија, пишува Фокс Њуз во извештајот за вчерашните избори.

Вториот круг на гласање на 8 мај ќе се совпадне со парламентарните избори. Речиси целосните резултати од гласањето покажаа силна промена во корист на кандидатката поддржана од главната опозициска коалиција на десниот центар, ВМРО-ДПМНЕ, наведува телевизијата.

Со околу 92 отсто преброени гласови, Гордана Силјановска Давкова беше далеку напред со нешто помалку од 40 отсто. Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој бара втор петгодишен мандат со поддршка од владејачките социјалдемократи во земјата, беше втор со речиси 20 проценти, според Државната изборна комисија, се последните резултати кои ги цитира медиумот.

По Пендаровски беше кандидатот од етничкото албанско малцинство, кој е сојузник на владата, министерот за надворешни работи Бујар Османи, со 13,6 отсто. Излезноста беше 49,75 проценти.

За победа во првиот круг, кандидатот требаше да добие поддршка од повеќе од 50 проценти од регистрираните гласачи. Така Силјановска-Давкова и Пендаровски ќе се сретнат во вториот круг од претседателските избори.

„Во Северна Македонија се големи надежите дека претседателот ќе го надгледува долгоочекуваниот влез во ЕУ. Малата балканска земја орбитира околу 27-члениот блок речиси две децении, без големи резултати“, се наведува во извештајот.

Обраќајќи им се на десетици поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ кои славеа пред седиштето на партијата во центарот на Скопје доцна синоќа, Силјановска-Давкова инсистираше на нејзините про-ЕУ ставови, коментира телевизијата.

– Ова е почеток на нова ера, ова мора да биде нов курс, треба да го наречам европски курс, рече таа. „Да докажеме дека отсекогаш (припаѓавме) на Европа“, ја цитира Фокс Њуз Силјановска-Давкова.

Пендаровски изрази разочарување од резултатот. Но, тој рече дека се надева дека ќе постигне подобар резултат во вториот круг, вклучително и со поддршката на етничкото албанско малцинство во земјата, кое претставува околу една четвртина од населението.

Седум кандидати се кандидираа за главно церемонијалната позиција, при што краткиот период на кампања беше фокусиран на пристапувањето во ЕУ, владеењето на правото, борбата против корупцијата и намалувањето на сиромаштијата.

Шефот на Изборната комисија Александар Даштевски претходно во средата изјави дека гласањето се одвива непречено, со само мал технички проблем со биометриските уреди во некои избирачки центри, кој брзо бил решен.

Силјановска Давкова (70) и Пендаровски (61) се согласуваат дека нивната земја припаѓа во ЕУ. Но, тие се разликуваа околу тоа како да се справат со инсистирањето на соседна Бугарија Скопје во својот устав да го запише признавањето на бугарското етничко малцинство. Членката на ЕУ, Бугарија рече дека во спротивно ќе ја блокира кандидатурата за членство на Северна Македонија во блокот, потсетува Фокс Њуз.

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но преговорите за членство почнаа дури во 2022 година и се очекува процесот да трае со години.

Телевизијата го цитира и гласачот Ставре Темелковски кој рекол дека има големи очекувања Северна Македонија наскоро да стане полноправна членка на ЕУ.

– Очекувам да победи граѓанското движење, да бидеме дел од сите тие прозападни системи и да започнеме процес на заздравување на државата која чека речиси три децении“, рече тој. „Многу генерации се исцрпени“.

Најнови вести од Македонија

To top