Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, вели дека не смета оти треба да расчисти со Зоран Заев за да успее како лидер. Тоа беше дел од неговиот одговор на новинарското прашање: „Нема да ја откријам Америка ако ви кажам дека нема нов лидер на партија што успеал без да расчисти со претходниот. Груевски стана премиер откако се дистанцираше од Љубчо Георгиевски, Заев стана премиер откако се еманципираше од Црвенковски, Мицкоски стана премиер откако расчисти до Груевски… Спротивно на овој аксиом, вие сè уште одржувате блиска релација со Заев, за што посведочи неодамнешната снимка од забава во Дубаи. Што значи ова – дека не сакате да успеете или ќе докажувате дека аксиомот не е аксиом“.
Филипче во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека има одлична комуникација со претходните лидери на СДСМ, дека им се обраќа за совет, но и дека нема да дозволи мешање во политиките на партијата.
-Не сметам дека треба да расчистуваме со нашите претходници. Јас имам одлична комуникација и со Зоран Заев и со останатите поранешни претседатели, со Димитар Ковачевски, со Радмила Шекеринска, со Владо Бучковски и со нив се консултирам, меѓутоа јас сум тој што ги бара и што бара нивни совети. Ниту еден од споменатите не се луѓе што мене ми се јавиле и сакале со нешто да влијаат на креирање на некаква политика или да влијаат на некое кадровско решение. Ниту еден од нив, апсолутно. Јас како претседател на партија сега преземам одговорност за функционирањето на партијата и нема да дозволам да има некој да влијае на тие процеси. Меѓутоа, тие луѓе се тука секогаш да помогнат поради тоа што во еден одреден временски период секој еден од нив се вложил себеси за да оваа партија биде тоа што е сега, вели Филипче.
На прашањето како би ја дефинирал позицијата на Заев сега, Филипче рече:
„Зоран Заев рече дека ќе се повлече од политиката и тој се повлече од политика. Се врати на неговите семејни работи и сега тој воопшто нема намера, ниту тенденција да се враќа или да сугерира нешто во СДСМ.“