Денеска во седиштето на партијата, Венко Филипче ја презеде функцијата Претседател на СДСМ од поранешниот претседател Димитар Ковачевски.
Ковачевски му честиташе на изборот, му посака понатамошен успех во работата и повторно градење победнички СДСМ.
Филипче се заблагодари на честитките, како и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и како премиер на Владата.
Новоибраниот претседател, Венко Филипче посочи дека следи период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ.
-Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок., рече Филипче.
Филипче убедливо победи на директните внатрепартиски избори со освоени над 9.000 гласа од членовите на партијата. СДСМ е единствена партија во земјата со толку висок демократски капацитет којашто претседаелот го бира на директни, непосредни внатрепартиски избори, информираат од СДСМ.