Ер тракторите повторно ќе полетаат и ќе се бидат ангажирани во гаснењето на пожарите кои и ова лето беснеат во Македонија.
Владата, на денешната седница, дала согласност на Дирекцијата за заштита и спасување, двајцата пилоти кои заминаа во пензија да бидат повторно ангажирани. Со нив, утре рано наутро ќе се потпише договор на дело.
-Веднаш потоа Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе ја тргне забраната за летање и Ер тракторите на ДЗС ќе може да полетаат кон пожарот на планината Серта (Конечка планина) а по потреба и кон било кој друг приоритетен пожар за гаснење, информираат од ЦУК.
Од вчера беснее голем пожар кај Пепелиште на планината Серта, за што ангажирани се по еден хеликоптер на МВР и АРМ. Според податоците на ЦУК, во изминатото деноноќие пријавени биле 17 пожари на отворено.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и минатата година алармираше за евентуалните проблеми со кои земјава ќе се соочи поради пожарите и високите температури. Претходната власт, немаше слух да најде решение по пензионирањето на двајцата пилоти на Ер тракторите.
Инаку, според последните информации два полициски хеликоптери се испратени на редовен сервис. Едниот се очекува да биде функционален следната недела, а другиот кон крајот на август.