Дали и колку се подобри животот на граѓаните со програмата на СДС од 2016 год. наречена „План за живот”? Што добија граѓаните на МК од другата изборна програма на СДС од 2020 год., во која зборуваа за конкуретна економија, МК како балканска ѕвезда-водилка во дигитализацијата, европски здравствен систем, еколошко-зелена и иновативна држава?
Ваквите програми на СДС се само празни зборови, а во пракса нивната Влада покажа неспособност да спроведе јавни инвестиции кои ја подобруваат продуктивноста, кои промовираат економски раст и ја поттикнуваат општествената благосостојба. На граѓаните ова им е јасно, бидејќи никаде со голо око не може да се види за што се потрошени средствата од државната каса. Нема нова патна инфраструктура, освен делниците кои беа изградени од Владата на ВМРО ДПМНЕ. Нема нова енергетска инфраструктура, а трошоците од застарените системи и технологии во енергетскиот сектор паѓаат на грбот на граѓаните преку цената на електричната енергија. Нема нови болнички згради, туку во здравството се соочивме со афера која експлицитно покажува на какво дно е моралноста во општеството во кое владеат корупцијата и мафијата. Нема дигитализирани услуги, туку граѓаните чекаат на шалтери и „фаќаат врски” за секој документ кој треба да го добијат. За какви зелени инвестиции зборувале СДС во својата програма, кога секој ден Скопје или некој друг град од МК е на листата на најзагадени светски градови.
Сето ова се потврдува и со факти. Граѓаните ќе ги запознаеме со податоци од Информација за статус на проекти кои се финансираат од меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори.
Според оваа Информација со состојба 30/09/2023 год., 14 министерства, јавни претпријатија и АД во државна сопственост спроведуваат 38 проекти за кои се обезбедени средства од меѓународни заеми. Од овие проекти, 16 проекти за капитални инвестиции се спроведуваат со забавена динамика и 4 се во целосен застој. Значи од 38 проекти за капитални инвестиции, 20 проекти, што е повеќе од половина, не се реализираат. Во овие 20 заостанати проекти влегуваат проекти за изградба на патната инфраструктура, енергетската мрежа, гасификацијата, системот за воздухопловна навигација, а некои од државните органи и претпријатија кои ги спроведуваат ни се познати по скандали (М-Нав).
Во овие заостанати проекти влегуваат и проекти наменети за директни услуги на граѓание: Клиничката болница во Штип, студентските домови, системот за наводнување потребен на земјоделците.
Не само што не се реализирани капиталните добра, туку, заради неспособноста на Владата на СДС и ДУИ, создадени се дополнителни трошоци и огромни износи на непродуктивно потрошени средства платени на име провизии за неповлечени средства од заемите за проектите. Во периодот 2017 – 2023 (до 30/09/2023 год.) платени се провизии во вкупен износ од 25,8 милиони евра на име провизии за неповлечени средства од заемите, пари со кои можеле да се спроведат не еден, туку повеќе капитални прокети. Скоро половина од износот на платените провизии, или 11,5 милиони евра се платени од ЈПДП. 6,3 милиони евра се платени на име провизии од страна на ЈП за железничка инфраструктура. Други јавни и државни претпријатија кои платиле вакви провизии заради неповлекување и некористење на одобрените кредити се: АД Железници, М-НАВ, ЕСМ и МЕПСО.
Покрај средствата од меѓународни финансиски институции и кредитори и средствата од предпристапните фондови на ЕУ, средства за капитални инвестиции се обезбедуваат и од редовните буџетски приходи. МФ за изминатата 2023 год. се пофали со рекордна, историски највисока реализација на капитални инвестиции од 707 милиони евра и 97% во однос на планот. Но, нашите анализи покажуваат дека ова е реализација прикажана во однос на ребалансот на Буџетот, со кој планот за капитални расходи е намален и приближно усогласен со фактичката реализација, со цел да изгледа дека реализацијата на капитални инвестиции е поголема.
Владата е неспособна за да работи на инвестициски проекти.
Зошто Владата не може да покрене реализација на инвестициските проекти?
Едно е нестручноста, неспособноста за проектен менаџмент на сите структури поставени како директори, како управувачки и надзорни одбори.
Дали некој „го лази мува”, дали некој чувствува трошка одговорност затоа што ги мами граѓаните и, не само што не им обезбедува достоинствен живот, туку и ги троши јавните средства непродуктивно и расипнички? Народот гледа и знае дека никогаш не било полошо. Народот ќе ја донесе пресудата на денот на изборите, но покрај политичката одговорност потоа ќе следуваат и правна одговорност и други соодветни санкции за коруптивни скандали.