Еколошка катастрофа од невидени размери. Преспанското езеро исчезнува, падот на нивото на водата може да се забележи буквално од ден во ден. Тињата и трските забрзано ја заменуваат водената површина. Надлежните тврдат дека се мобилизираат за да го спасат воторото по големина езеро во Македонија, но, конкретен план засега нема.
„Правиме напори максимални за да го спасиме Преспанското Езеро. Денеска сум домаќин на советодавната мисија Рамсар, која на наше барање престојува во верификациона мисија на Преспанското езеро кое со години се соочува со значително намалување на нивото на водата. Овие проблеми не можат да чекаат и затоа потребна итн и координирана акција“, изјави Изет Меџити, министер за животна средина.
За спас на езерото потребна е соработка на трите држави кои го делат. Преку Рамсарската конвенција, меѓународен договор за заштита на водите, ќе се координираат следните активности.
„Сакам да изразам задоволство што владите на Македонија, Албанија и Грција остваруваат исклучително добра соработка околу Преспанското eзеро, кое со својата биолошка разновидност важи за бисер на природата, и би сакала да продолжи овој тренд, и со зголемен придонес на ЕУ, УНДП и ГЕФ, во соработка со трите влади“, рече Флоре Лафаје, претставник на Рамсарската конвенција.
Преспанското езеро е на историски најниска кота откако се прават мерења. Нивото во моментот е дури 6.3 метри под нултата точка, а за една година е намлено за дополнителен половина метар. Во изминатите 12 месеци исчезнале 125 милиони кубни метри вода или количина еднаква на дури 33 илјади олимписки базени. Водата на одредени места е повлечена и до три километри, во најплитките делови на северната страна.