Двојно е зголемено производството на садници во кумановската подружница на „Македонски шуми“, информираа денеска надлежните од претпријатието. Годинава, произведени се околу 500.000 садници бел бор, црн бор, смрека, чемпрес, платан, келеутерија и останати садници за претстојното пошумување.
-Минатата година, Македонија беше зафатена од огромен број на пожари кои, за жал, зафатија огромни површини. Ние како раководство земавме обврска и ветивме пред граѓаните дека максимално ќе се посветиме и на оваа проблематика, на производството на садници. Во периодот којшто претстои би ги вратиле на површините кои беа опожарени или пак се уништени и од дивите сечи, како и од климатските промени. Куманово како подружница има прекрасен расадник, кој, за жал во минатото бил неискористен. Во 2023-та година имала производство од некаде околу 200 илјади садници, оваа година Куманово веќе има над 500 илјади садници што значи во најмала рака ќе биде дуплирано ова производство, изјави заменик директорот на ЈП „Национални шуми, Кире Михаилов.
Пошумувањето, ќе се одвива согласно плановите и можностите, онаму каде што има потреба, на опожарените површини од претходните години. Во расадникот во Свети Николе годинава ќе продуцира над 600 илјади садници, во Струмица, Делчево и останатите ќе има над 150.000, во останатите нешто помала количина.
– Генерално производството на садници секаде е зголемено. Ние како раководство, повторно ќе се вратам една година претходно, на ниво на цела Македонија затекнавме, околу 800.000 садници коишто во очи на големите пожари ни беа да располагање. Годинава, веќе одиме со бројка над два милиони вкупно во сите расадници. Дел од расадниците, буквално беа пред затворање, така што ние огромен потенцијал потрошивме за чистење и средување на расадниците. Максимално ќе се ангажираме да ги ставиме на располагање сите расадници и да направиме уште поголемо-милионско производство. Во периодот којшто претстои заедно со сите чинители, заедно со општествено одговорни компании, граѓаните заедно со децата коишто минатата година покажаа огромен интерес ќе направиме пошумување, изјави Михаилов.
Природно, како што објаснуваат експертите, шумите можат да се обноват во период од 50 до 100 години. Актуелните пожари во Македонија, во соседните и европските земји ги загрижуваат експертите, бидејќи се уништува непроценливото богатство-шумите. Пpиродниот процес на обнова е долг, опожарената површина првин се обновува со брзорастечки растенија, следува фаза на грмушки и нискостеблести растенија, дури после 50 до 100 години, за некои екосистеми и повеќе, се формираат и долговечни насади. Најдобар начин за да се обноват шумите е активното пошумување со автохтони видови дрвја, приспособени на локалните климатски и почвени услови. Садењето мешани насади наместо монокултури, ја зголемува отпорноста на идни пожари и болести. Анализите покажуваат дека едно евро вложено во превенција на пожари може да заштеди до осум евра во нивно гаснење и санација.