Две политички фијаска деновиве ја одбележаа македонската политичка сцена, златната виза за ОАЕ за лидерот на СДСМ Филипче и напуштање на владата и приклонување кон ДУИ на лидерот на Алијанса за Албанците на Таравари.
Што ги поврзува двајцата екс министри за здравство во тоа политичко фијаско? Лагата, и пред членството и пред јавноста, и долговите кон политичките ментори.
Да почнеме со Филипче, кој долго негираше дека има каква и да е златна виза за престој во ОАЕ.
Откако визата излезе на виделина тврдеше дека таа не ја добил како инвеститор и партнер на својот политички ментор Зоран Заев кој гради објекти во Дубаи. Визата била наменета за работа во тамошна клиника, за која Филипче нема договор, ниту пак исполнува услови за такво нешто. Откако стана јасно дека златна виза за ОЕА се добива само со инвестиција од 550.000 американски долари стана јасно дека екс министерот ги крие вистинските намери. Но, зошто?
Најблискиот соработник на Заев, во времето на ковид, понесен на крилјата на славата дека „успешно‘‘ се справил со пандемијата, веќе коваше планови за ротација со својот политички ментор. Но вистината е дека Македонија беше најнеподготвена за опасниот вирус во регионот. Вакцини добивме последни и тоа најголем дел на подарок, за респиратори и медицинска опрема чекавме да се произведат, а единствено и за жал, успешно функционираше само броењето тела и хоспитализирани (читај оставени на цедило и во болнички ходници). И фамозните модуларни болници останаа неуспешен проект, посебно откако таа во Тетово зеде 14 жртви за кои екс-министерот не чувствуваше вина. Оставка поднесе, но не неотповиклива, со цел да не му ја прифатат. Никој не се изненади од резултатот на фингираното сценарио. Ако на сето тоа се надоврзат сомнителните тендери како тој за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во јавните здравствени установи низ цела Македонија, кинеските вакцини преку фирмата „Стабри Интернешнал“ од Хонг Конг за 100% повисока цена, високо профитниот криминал на Онкологија кој траел со години, раскошната куќа на Водно, џипови, мотори и илјадници метри квадратни градежно земјиште на најскапата локација, јасно укажува дека планот Заев-Филипче продолжува да се остварува, сега и во Дубаи.
Визата помина во Дубаи, но стави црн печат кај јавноста и пред се’ кај партиското членство.
„За Венко злато – за СДСМ р’ѓа!‘‘ – напиша Софија Куновска поранешен член на раководствот на СДСМ.
„Случувањата на релација Македонија- Дубаи гледаме дека не влеваат волја и кај членството и кај симпатизерите и гласачите дека нешто ќе се промени‘‘ – вели Саша Богдановиќ, уште еден екс функционер.
За „пишман аџијата‘‘ од Гостивар, Арбен Таравари е познато дека е рекордер по сменети партии, коалиции, учество во власт или опозиција, за кои нема логични објаснувања. И тој, слично на Филипче е опиен од славата дека успешно‘ се справил со кочанската криза, во чија санација со целосен капацитет учествуваше целиот возобновен државен и институционален апарат, тотално девастиран по 7-годишното владеење наСДС/ДУИ тендер коалицијата. Интригантно е и што Таравари одлучи да си замине во опозиција, набргу откако не успеа паркингот во клинички да го даде на албанската фирма „Ѓока‘‘ која веднаш најави поскапување на паркирањето за 50%.
Воден од премисата за неуспешниот дил за паркингот „ако не е мој, тогаш ќе биде ничиј“, и веројатно под притисок на ветено, а неиспорачано, очебијно е дека Таравари продолжува да го отплатува долгот кон своите политички ментори, ДУИ и Али Ахмети. Не случајно и куќата во Тафталиџе која ја купи од семејството Јахоски (моќни финансиери на ДУИ) за само 500 евра за квадрат и надвор од секоја пазарна логика, јасно зборува за неговата поврзаност со оваа партија, цврсто втемелена на принципите на кои се базира ДУИ, корупцијата. Па така, Таравари во политичката генеза еднаш влегува во владата на ДУИ за да ја спаси од паѓање, а сега излегува од владата на ВРЕДИ, за да ја врати ДУИ на власт. Притоа, веќе не му пречи ниту црната листа на САД, на која се редат бегалецот од правдата Артан Груби, могулот од Струга Рамиз Мерко, судскиот линк Енвер Беџети.
Веројатно, дополнителни главоболки на Таравари му предизвикува бројот на осомничени функционери од ДУИ за кочанската трагедија. Фатен во небрано, она кога Менторите бараат, а тој не може да стори ништо…
На ланските избори сега осомничениот криминалец Артан Груби на коалицијата „Вреди‘‘ им препорачуваше лек за главоболка „Ефридол‘‘. Но за време на славењето на изборната победа токму Таравари држејќи го истиот лек в раце му го препиша на бегалецот од црната листа. Интересно е како сега „бегот од Гостивар‘‘ ќе ги лечи главоболките во идната коалиција со ДУИ.
Болеста ќе дојде наскоро, веќе на есен со локалните избори, но прашање е дали го избрал вистинскиот лек и вистинскиот тим?
Кој знае, можеби уште еден успешен македонски лекар и екс министер за здравство ќе се стекне со златна виза за Дубаи, било за лечење, било за туризам, било за бегство, било за градење…