Лекарската комора остро го осудува физичкиот напад на лекар вработен во Итната помош во Здравствениот дом во Радовиш, што се случи на 10 февруари, додека тој ја вршел својата професионална дејност и пружал здравствени услуги, се наведува во денешното соопштение на Комората.
Од Лекарската комора повикуваат на нула толеранција за насилство врз здравствените работници.
-Насилството врз лекарите, без разлика дали е физичко, психичко или во која било друга форма, не смее да се толерира, бидејќи сериозно го засега интегритетот на докторите и нивните професионални активности, што негативно се одразува и на услугите што ги добиваат пациентите. Затоа ги повикуваме сите надлежни институции, неодложно и одговорно да постапат во случајот и да ги заштитат здравствените работници во вршењето на својата професија, подвлекуваат од Лекарската комора.
Оттаму потсетуваат дека со измените на Кривичниот законик, донесени минатата година, „нападот на доктор и друг здравствен работник на работно место, се смета за кривично дело напад на службено лице, што значи дека против напаѓачот треба да биде поднесена соодветна кривична пријава по службена должност“.
– Јавно изразуваме очекување дека надлежното Јавно обвинителство, во овој случај, ќе остане на висина на својата задача и ќе постапи согласно Законот, без разлика на тоа кој е напаѓачот. Потенцираме и дека особено е важно докторите да не премолчуваат каква било форма на насилство, доживеана на работното место, туку веднаш да пријават во полиција, а известување да достават и до Комората, со цел да може активно да се следи постапувањето на надлежните институции и да се предлагаат мерки и политики за подобрување на состојбите, истакнуваат од Лекарската комора.
Тие, како што додаваат, ги охрабруваат пациентите, во случаите кога не се задоволни од квалитетот на здравствената услуга, тоа да го пријават во соодветна постапка, согласно законски прописи, бидејќи само така, се истакнува во соопштението, ќе можат да се утврдат вистинските причини за настанување на некоја состојба или ситуација и да се најде решение за нивно надминување.