Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево во Љубљана ги посети болниците во кои се хоспитализирани македонските државјани. Притоа оствари кратки одвоени средби со министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, министерката за здравство, Валентина Преволник Рупел, како и со медицинскиот персонал кој се грижи за нашите пациенти.
Министерот Муцунски изрази искрена благодарност за високото ниво на солидарност што Словенија го покажува во овие тешки моменти, нагласувајќи дека тоа е уште еден доказ за длабоката почит и пријателство меѓу двете земји и нивните народи.
„Би сакал уште еднаш, во име на македонскиот народ, Владата и целата нација, да се заблагодарам за исклучителната солидарност што ја покажавте – тоа зборува за високото ниво на меѓусебно почитување што го имаме меѓу себе. Македонските граѓани кои се во Љубљана сега се во рацете на стручни лекари, медицински експерти и посветени медицински сестри,“ – изјави министерот Муцунски.
За време на посетата, тој имаше можност лично да добие информации од лекарскиот тим за состојбата на пациентите, како и да се запознае со стручниот кадар кој има клучна улога во организирањето и реализацијата на медицинскиот транспорт.
-Почитуван министер. Ви благодариме за посетите. Гледаме дека ова е искрена посета, што ни покажува дека интересот на македонскиот народ е навистина да им се помогне на овие луѓе кои беа тешко повредени. Ниту една држава, не може сама да се справи со ваква трагедија и ние сме многу среќни што некако можевме да придонесеме и секогаш ќе бидеме тука кога ќе ви треба. Мислам дека ова е доказ, дека Европа како целина може да се справи со многу различни ситуации, никој сам не може да се справи дури ни нешто слично. Затоа ви благодариме за вашата посета. Со одговорност преземаме дека пациентите се подобруваат. Се надеваме на најдоброто. Ќе дадеме се од себе и ќе останеме тука за вас, истакна директорот на словенечката болница.
Министерот Муцунски нагласи дека македонската амбасада во Словенија останува целосно посветена на поддршката на пациентите и нивните семејства, а Кризниот штаб во Скопје е во постојана координација со сите вклучени институции во процесот на транспорт, прием и лекување.