Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на седница ги потврди листите со кандидати за пратеници на Парламентарните избори закажани за 8 мај.
Членот на ДИК, Борис Кондарко на почетокот на седницата појасни дека ниеден рок не е доведен во прашање и посочи оти сите рокови ќе бидат запазени и од нивна страна ќе бидат преземени сите активности согласно Изборниот законик. Тој информира дека за утре ја планираат ждрепката за редните броеви на гласачкото ливче за Парламентарните избори.
-Ова е обемна и сложена операција која бара објективно повеќе време и судовите се реално оптоварени со работа за проверки и постапување за да ни ги доставуваат тие податоци, ја известуваме јавноста да нема забуни дека евентуално се пречекорени одредени рокови. Значи, ДИК е во рамки на предвидени рокови. Се вклопуваме целосно во Роковникот за сите изборни дејствија и што ќе следуваат по утврдувањето на листите, рече Кондарко.
На денешната 95. седница ДИК утврди дека во сите шест изборни единици имаат поднесено листи за пратеници Коалицијата за „Европска иднина“ предводена од СДСМ и Коалицијата, Коалицијата „Храбро за Макеоднија“ преводена од ГРОМ ИНТЕГРА и ПЦЕР, Партијата Македонска Ера Трета – македонски независни листи-суверинисти, политичката партија Левица, Коалицијата „Европски фронт“ – преводена од ДУИ и коалицијата, Коалицијата „Влен“ (Вреди), Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Движењето ЗНАМ За наша Македонија.
Политичката партија Демократи има поднесено листа пратеници во пет изборни единици, политичката партија Аваја во ИЕ 3, 4, 5 и 6, Твоја партија во ИЕ 1, 2, 3 и 4, Родина Македонија во ИЕ 1, 2, 4, 5 и 6, а Партијата Единствена Македонија – Европско граѓанско движење има поднесено листа за кандидати за пратеници само за Шестата изборна единица.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски информира дека Партијата Нова алтернатива прави корекции и не е уште комплетирана листата, но потенцира дека уште траат роковите за исправки кои треба да ги извршат партиите.
-Неколку листи не можеа да бидат потврдени затоа што не е завршена постапката заради одредени причини кои се однесуваат до политичките партии, а некои до државните органи кои треба да им доставуваат информации, рече Даштевски.
Едногласно беше усвоено Барањето за акредитација за набљудувачи за Претседателските и за Парламентарните изборитеод амбасадите на Унгарија, Холандија и Црна Гора во Скопје, албанскиот сервис на Гласот на Америка, ОБСЕ/ОДИХР Канцеларија за демократски институции и човекови права и Амбасадата на Црна Гора во Скопје.
Седницата на ДИК треба да продолжи по дадената пауза од претседателот Даштевски, со точката за Утврдување на изгледот на гласачкото ливче за изборите за претседател на Република Северна Македонија.