Од ДИК информираат и дека денеска на полноќ истекува рокот за увид во избирачкиот список, како и промена, запишување и бришење на податоци.
Технички проблеми на веб-страницата на која е пријавувањето за гласање во дијаспората (www.dijaspora.sec.mk) го продолжија рокот до утре до 9 часот. Од Државната изборна комисија (ДИК) информираат дека техничкиот проблем се случил ноќеска, а веб-страницата била вратена во функција утрово во 9 часот.
Поради тоа, нагласуваат од Државната изборна комисија, пријавувањето на гласачите во дијаспората се продолжува за времето колку што траел прекинот, односно до 19 март 2024 година, со 9 часот.
По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, досега се пристигнати вкупно 2 230 пријави од кои 1 545 се прифатени, 193 се одбиени и 492 се необработени пријави.
Претседателски избори во дијаспората ќе се одржат само ако има пријавено најмалку 10 лица за гласање во соодветното дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) на државата. Ова оттаму што претседателот се избира според мнозинскиот систем и што целата територија на државата и сите континенти каде што има наши државјани се една изборна единица.
Во однос на парламентарните избори, пратеници се избираат според пропорционалниот модел и во изборна единица во странство и тука има уште еден услов како своевиден цензус. За да бие избран пратеник од седмата изборна единица треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори. За овие избори овој број е 5 355 лица, односно толку лица треба да бидат регистрирани во сите 52 ДКП за да може да бидат пред се организирани вакви избори. Исто така најмалку 5 355 гласачи треба да гласаат за еден кандидат за тој да биде избран.
Од ДИК информираат и дека денеска на полноќ истекува рокот за увид во избирачкиот список, како и промена, запишување и бришење на податоци.
Според податоците од ДИК, заклучно со вчерашниот ден, во нејзините подрачни одделенија и канцеларии увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 5 544 лица.
Вкупно 12 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 23 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 10 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список, наведуваат од ДИК.
Преку електронски пат, пак, заклучно со вчерашниот ден, се провериле вкупно 41 040 граѓани. Поднесени биле 37 барања за промена на податоци, седум барања за бришење на податоци и 17 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.
Сите кои се запишани во избирачкиот список ќе можат да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори, а правото на глас ќе може да го остварат и граѓаните со истечени лични документи и патни исправи во последните девет месеци пред изборите.
Со последните измени и дополнувања на Изборниот законик предвидено е во Избирачкиот список да бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите, согласно со актот за распишување на изборите кои имаат живеалиште на територијата на државата.