Руската воена агресија врз Украина и растечките геополитички предизвици ја нагласуваат потребата од сè посилни врски меѓу ЕУ и Западен Балкан, се наведува во „Декларацијата од Брисел“ усвоена на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
– Ние, лидерите на Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји членки, во консултација со нашите партнери од Западниот Балкан, денеска го заклучивме следново: Денешниот состанок ги покажува силата на нашите односи и придобивките што им ги носи на нашите граѓани. Состанокот е најзначајна можност во годината за повторно потврдување на стратегиското партнерство меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, се наведува во Декларацијата.
Во документот се реафирмира целосната и недвосмислена посветеност на перспективата на Западниот Балкан за членство во Европската Унија.
– Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи. Ги поздравуваме новата динамика и постигнатиот напредок од последниот состанок. Забрзувањето на процесот на пристапување, заснован врз веродостојни реформи од партнерите, праведна и ригорозна условеност и врз принципот на сопствени заслуги е во наш меѓусебен интерес. Проширувањето е геостратегиска инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет, како што е наведено во Декларацијата од Гранада. Итноста на нашето време бара одржлив моментум. Земјите аспиранти за членство треба да ги забрзаат своите реформски активности. Паралелно, Унијата треба да ги засили своите интерни темели и реформи, се истакнува во „Декларацијата од Брисел“.
Во документот се потенцира дека инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
– Сè уште се потребни одлучни натамошни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, а во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и Договорот за прашањата на сукцесија, како и преостанатите случаи на исчезнати лица и прашањата за воени злосторства, се додава во текстот.
Во Декларацијата се нагласува дека ЕУ ја поздравува посветеноста на партнерите од Западниот Балкан да ги почитуваат европските вредности и принципи во согласност со меѓународното право, приматот на демократијата, фундаменталните права и вредности и владеењето на правото и од нив очекува ова да го покажат со зборови и со дела, преземајќи одговорност и спроведувајќи ги потребните реформи, особено во областа на фундаменталните принципи.
– Слободата на изразување, независните и плуралистичките медиуми, родовата еднаквост и силната улога на граѓанското општество се клучни за да се обезбеди функционална демократија. ЕУ ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците на малцинствата и нивен рамноправен третман, се вели во документот.
Лидерите нагласуваат дека остануваат обединети во непоколеблива поддршка и солидарност со Украина, додека таа ги брани својот суверенитет и територијален интегритет од неиспровоцираната и нелегална воена агресија на Русија и ја повторуваат поддршката за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право.
– Усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и спроведувањето и извршувањето на рестриктивните мерки на ЕУ и борбата против нивно избегнување, останува силен израз на стратегискиот избор на партнерите. Ги поздравуваме партнерите од Западен Балкан што веќе целосно се усогласени и ги повикуваме оние што сè уште не го сториле тоа да го следат примерот. ЕУ ги поздравува придонесите на партнерите во мисиите и операциите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ. ЕУ продолжува да го поддржува Западен Балкан во справувањето со кибер и со другите хибридни закани, манипулацијата и мешањето на странски информации и натамошното зајакнување на соработката за градење отпорност, вклучително и преку Центарот за кибер капацитети на Западен Балкан и Европскиот штит за демократија, се посочува во текстот.
Во него натаму се поздравуваат првите склучени партнерства за безбедност и одбрана на Западниот Балкан и започнувањето дијалози за безбедност и одбрана и се реафирмира посветеноста на континуирана поддршка во рамките на Европскиот инструмент за мировна помош.
– Остануваме посветени на приближувањето на партнерите од Западен Балкан до ЕУ уште за време на процесот на проширување. Во неколку политички области во тек е постепена интеграција, која се спроведува на реверзибилен начин базиран врз заслуги, со конкретни придобивки за граѓаните од самиот почеток и подготовка на теренот за пристапување. Треба да се размислува за натамошни предлози за постепена интеграција, во согласност со релевантното законодавство на ЕУ. Напредокот во економската интеграција треба целосно да го зачува интегритетот на единствениот пазар на ЕУ и да овозможи еднакви услови за сите, се додава во Декларацијата.
Во неа се поздравува напредокот во постепената интеграција на партнерите од Западниот Балкан во Единствениот пазар на ЕУ, вклучително и преку иницијативите за „Автопатот на единствениот пазар“ и зелените ленти, пристапување на неколку земји во Единствената европска платежна област (СЕПА) и приклучувањето на дигиталните иницијативи, намалувањето на трошоците за роаминг.
– Планот за раст ќе ја забрза социоекономската конвергенција меѓу Западниот Балкан и ЕУ, под услов партнерите да ги спроведат реформите поврзани со ЕУ. Планот за раст има потенцијал да го забрза економскиот раст во регионот во следната деценија преку обезбедување до шест милијарди евра за реформи и инвестиции. Тоа е дополнение на 29 милијарди евра што се обезбедуваат преку Економскиот и инвестициски план. ЕУ повикува поголем дел од единствените можности што се обезбедуваат преку Планот за раст да се искористат преку навремено спроведување на реформите, се додава во „Декларацијата од Брисел“.
Во документот се нагласува дека Заедничкиот регионален пазар е чекор кон Единствениот европски пазар и ЕУ се повикуваат партнерите од Западниот Балкан целосно да се посветат на конструктивната соработка и да ги спроведуваат веќе склучените договори.
Со Декларацијата се поддржуваат тековните напори за диверзификација на изворите и маршрутите на снабдување со енергија, се нагласува потребата од управување со миграцијата како заеднички предизвик и одговорност и се повикува на продолжување со заедничките напори и во борбата против корупцијата, шверцот со дрога и сите форми на сериозен и организиран криминал.
Во документот се потенцира и дека отсуството на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград продолжува да ги попречува двата партнера на нивниот европски пат и се повикува на спроведување на сите договори постигнати во дијалогот Белград-Приштина, олеснет од ЕУ, особено Договорот за патот кон нормализација и неговиот Анекс.
– Ја нагласуваме важноста на континуираните меѓусебни напори за стратегиска комуникација, вклучително и за придобивките од проширувањето и постепената интеграција, како и потребата од градење доверба, разбирање и меѓуопштествен консензус. Сметаме на нашите партнери од Западен Балкан да им соопштат на своите граѓани дека ЕУ останува најблизок партнер, главен донатор, инвеститор и трговски партнер на регионот и да ја покажат својата посветеност на вредностите и реформите на ЕУ преку зборови и дела, се вели во документ, при што се најавува дека следниот Самит ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи во Црна Гора во јуни 2026 година.
На крајот од текстот се наведува дека европските лидери го поздравуваат усогласувањето на партнерите од Западниот Балкан со оваа Декларација, при што во фуснота се нагласува дека Србија не се усогласила со документот.
Инаку, на Самитот не присуствуваа претставници на Србија.