Подготовките за претседателските и за парламентарните избори се одвиваат без проблеми, согласно законот и роковникот, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.
-Подготовките течат добро во согласност со законот и роковникот, односно роковниците за претседателските и за парламентарните избори. Досега нема никакви проблеми, се е спроведено во рок па дури и пред рокот некои дејствија за кои тоа е можно. Во моментот ги чекаме предлозите на политичките партии за избирачките одбори, по еден од власта и од опозицијата и исто така предлозите за гласање во ДКП-ата, изјави на новинарско прашање Даштевски по спороведувањето на жребувањето за редоследот на кандидатите на ливчето за претседателските избори.
Тој додаде дека заврши јавниот увид во Избирачкиот список за претседателските избори, и тој ќе биде конечно затворен на 2 април.
-Се надевам дека работата вака ќе продолжи, досега се е спроведено регуларно во согласност законот, рече Даштевски.
Во однос на состојбата со дијаспората и дали таму е подготвено се за изборниот процес.
-Некаде околу 2900 лица се пријавиле да гласаат во дијапсората. Од нив најголем дел се потврдени за гласање. Објавени се и местата на кои што се пријавиле – најголем број се пријавени во Германија, САД, Канада, во Австралија, во Европа скоро во сите западни земји. Така што за тие места ќе се организираат избори само за претседател. Бидејќи нема доволно поријавени, нема да се организираат парламентарни избори поради тоа што не ја постигнале законската норма на пријавени колку што освоил гласови најмалку еден пратеник на последните избори, рече Даштевски.
Тој нагласи дека паралелно течат и подготовките за парламентарните избори.
-Избирачкиот список се уште не е затворен за парламентарните избори и може граѓаните да вршат увид. Жрепка ќе има и за нив кога ќе се утврдат листите. Тоа доаѓа на 2 април до 24 часот за поднесување, а потоа имаме 48 часа за да ги потврдиме. Значи паралелно течат дејствијата и за парламентарните избори само што некои дејствија се исти а некои не, рече претседателот на ДИК Даштевски.
За да се организира гласање за парламентарните избори во дијаспората потребно беше да се пријават најмалку 5355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство, колку што на претходните избори имал освоено пратеникот со најмал број гласови.
Активностите на учесниците на двојните избори за претседател на 24 април и за пратеници на 8 мај се интензивираат. Најголемите политички партии викендов ги презентираа програмите за парламентарните избори, а дел ги промовираа и носителите на листите за пратеници, како и претседателските кандидати.