Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој на Самитот на ОБСЕ во Скопје ќе дојде заедно со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртле, кој е во посета на Белград, изјави дека „овој состанок во Скопје ќе биде тежок“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Утре со министерот на Казахстан одам во Скопје. Имајќи ја предвид тежината на ситуацијата со која се соочува меѓународната заедница, не е лесно функционирањето на оваа организација, и имајќи предвид дека консензусот е начин на одлучување и дека не беше можно да се постигне договор за заедничките ставови и за најважните актуелни прашања, затоа овој состанок е важен. Да се обидеме да постигнеме компромис за буџетот и функционирањето на целата организација, без да зборуваме за тоа колку е загрозена таа организација што е создадена за време на Студената војна и постоењето на два блока за спречување конфликти. Ќе биде тежок тој состанок во Скопје, изјави денеска Ивица Дачиќ.