Македонија МТСП

Четврток неработен ден, а среда скратено работно време за државната и јавната администрација во Скопје

Четврток неработен ден, а среда скратено работно време за државната и јавната администрација во Скопје

Сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје на 29-ти ноември (среда) ќе работат со скратено работно време до 12:00 часот, а 30-ти ноември (четврток) се определува за неработен ден. Истиот нема да се одработува, известува Министерството за труд и социјална политика, врз основа на заклучоците донесени на 199 седница на Владата, одржана во вторникот.

– Оваа одлука се однесува и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, меѓутоа напоменуваме дека не се однесува на јавните предучилишни установи и здравствените установи. Информираме дека истите треба да изработат сопствени планови кои ќе овозможат непречено функционирање на установите, истакнуваат од МТСП.

Се препорачува општините на градот Скопје и Градот Скопје да ги спроведат заклучоците.

– Воедно, се препорачува на приватниот сектор на подрачјето на Градот Скопје, а особено во подрачјето на Општина Карпош и општините кои гравитираат кон Спортскиот центар „ Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“ да ги спроведат заклучоците, потенцираат од МТСП.

Ваквата одлука е донесена поради 30-от министерски состанок на ОБСЕ, којшто ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември 2023 година во Скопје во организација на Министерството за надворешни работи.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top