Потпретседателот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија упати честитка која ви ја пренесуваме интегрално.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија, се наведува во честитката.