Премиерот Христијан Мицкоски денес присуствуваше на пуштање во употреба на Спортско рекреативен центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел.
Овој спортско рекреативен центар опфаќа фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.
Вредноста на овој проект изнесува 7.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Бутел.
-Да истакнам дека Општина Бутел е прилично активна кога станува збор за капитални инвестиции и во таа насока, како што кажа градоначалникот, во текот на вчерашниот ден Општина Бутел заедно со уште други 65 општини поднесоа повеќе од 215 проекти, коишто се дел од онаа иницијатива за реалокација на средства од централниот буџет кон општините за решавање реалните потреби на граѓаните. Повеќе од стотици илјади наши сограѓани ќе имаат решени реални проблеми коишто се напластувале изминативе децении, рече Мицкоски.
Тој изрази благодарност и до пратеничката којашто доаѓа од Општина Бутел, до министерот за спорт, до администрацијата, до советот, до граѓаните на Општина Бутел што цело време даваат поддршка за реализација на овие капитални инвестиции.
-Јас сум убеден дека реализацијата на овие капитални инвестиции ќе продолжи и во иднина и во следната година, во 2025 година. Слушнавте дека на почеток е реализација на една огромна и капитална инвестиција во делот на здравството, односно во делот на грижата за здравјето на граѓаните, тоа е поликлиника овде во Општина Бутел. Како Влада сето тоа ќе го поддржиме и мислам дека со реализацијата на сите овие проекти ќе бидат решени многу проблеми на бутелчани, но и не само на бутелчани туку и насекаде низ цела Македонија на граѓаните коишто изминативе децении се соочуваа со такви предизвици. Уште еднашка честитам на градоначалникот, на сите коишто учествуваат во реализацијата на ваквите проекти и посакувам уште многу вакви проекти низ целата државата затоа што ова го очекуваат граѓаните, а тоа се проекти, развој и подобрување на квалитетот на живеење, рече Мицкоски.