Алијанса за Албанците, крилото на Таравари, го одржа четвртиот Конгрес на партијата. На Конгресот присуствуваа 421 делегат од вкупно 739 колку што брои партијата. На заседавањето беа донесени повеќе одлуки.
Прво беше одобрена кандидатурата на Арбен Таравари за претседател на претседателските избори на 24 април и 8 мај.
Беа поништени одлуките од заседавањето, кои тие го нарекуваат нелегитимни, на партиското Собрание што го одржа крилото на Села на 10 февруари, а беа усвоени и неколку измени на Статутот на партијата, односно се враќа претходниот Статут одобрен на вториот Конгрес на партијата на 27 март 2022 година, пренесе ТВ 21.
Од друга страна, пак, и блокот на Села во АА свика вонреден Конгрес за 18 февруари. На него ќе се разговара за одговорност и најверојатно ќе биде усвоена и собраниската иницијатива за разрешување на претседателот на партијата, Таравари.
Најавуваат дека на 18 февруари можно е да се избере нов претседател на партијата. Но, според Таравари, Конгресот што го одржал тој е легитимен, а за оној на Села рече дека ја нема ниту половината од членовите на Собранието.
Согласно статутарните измени донесени на Конгресот организиран од Таравари, како што се наведува во партиското соопштение, Зијадин Села веќе нема да биде претседател на Централното собрание, па така од сега таа функција ќе ја врши претседателот на партијата, во случајов, Арбен Таравари.