„Граѓаните вчера ни испратија порака, ги слушнавме. Ја прифаќаме одговорноста. А денес е нов ден – ја продолжуваме битката со резултат НУЛА-НУЛА. Нема откажување, нема време за малодушност. Да не бараме утехи, затоа што битката за европска Македонија уште не е завршена. Кренете ги главите, вратете ги насмевките. Ние како партија сме обединети и ќе се бориме за нашите убедувања.“
Ова го истакна потпретседателот на СДСМ и ко-носител на парламентарната листа на „Коалицијата за европска иднина“ во изборната единица 2, Фатмир Битиќи на централниот митинг во Чучер Сандево од каде порача дека СДСМ ја слушна пораката која граѓаните ја испратија на првиот круг претседателски избори.
Вели дека СДСМ продолжува со засилена одлучност и решителност како и посветеност за идејата за европска Македонија.
„Откажувањето не е опција за нас, храбрите, за нас од СДСМ. Не постои голема разлика – се’ е достижно! На 8ми мај, се почнува од почетокот, гласовите ќе се бројат од НУЛА. Ова да биде предизвикот преку кој ќе се сплотиме, да бидеме уште посилни во следните две недели. Гледајќи ве вас, драги другари и другарки, уверен сум дека целосно сме подготвени за оваа ситуација која од нас бара гласно да кажеме дека нема откажување“ – истакна Битиќи.