Собранието синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.
Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиoт фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Христијан Мицкоски – претседател на Владата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ќе ја предводи новата Влада, е роден во Скопје на 29.09.1977 година.
Мицкоски е на чело на ВМРО-ДПМНЕ од декември 2017 година.
Дипломирал, магистрирал и докторирал на Машински факултет во Скопје
Во периодот 2016-2017 година бил генерален директор и претседател на УО на АД Електрани на Македонија, а од 2015 до 2017 бил советник на Претседателот на Владата на Република Македонија за енергетика.
Од 2019 година е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, а претходно бил вонреден професор, доцент, асистент и помлад асистент. Во 2021 и 2012 година работел во ФОНКО клима како главен и одговорен проектант на термотехнички инсталации.
Има објавено 35 меѓународни публикации и научни трудови, како и десетина домашни, автор е на триесеттина стручни апликации, а учествувал и во неклку меѓународни, развојни и научно-истражувачки проекти.
Добитник е шест меѓународни домашни признанија и награди.
Од компјутерски вештини познава AutoCAD, MATLAB/Simulink, Microsoft Visual C++.
Мајчин јазик му е македонскиот, а англискиот го познава одлично, а италијанскиот добро.
Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт и врски
Актуелниот пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е кандидат за вицепремиер и министер за транспорт и врски во новата влада, е роден на 24 март 1984 година во Охрид.
Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје на Отсекот за политички науки, каде е кандидат за магистер по политички науки и меѓународни односи.
Николовски бил пратеник во Собранието од 2006 до 2016 година, како и од 2020 година досега. Бил член на Националниот совет за евроинтеграции, Анкетната комисија за утврдување на околностите за загинувањето на претседателот Борис Трајковски, на комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика и за европски прашања, како и претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Бил на позициите потпретседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (2015 – 2017), на Комитетот за политички работи и демократија (2016-2017) и на Комитетот за спроведување на обврските и заложбите на земјите членки (2014-2016) на Советот на Европа.
Претходно, од 2002 до 2004, бил секретар на ФРЕСТА програмата за невладини организации и меѓуетнички дијалог на југо-источна Европа, а од 2000 до 2002 претседател на Средношколската унија на Македонија.
Во биографијата во компјутерски вештини ги наведува Windows, MS Office, macOS, а од странските јазици одлично познавање на англиски и напредно на француски јазик.
Добитник е на наградите Европски млад лидер 40 под 40 највлијателни личности во Европа за 2022 и Пријатели на Европа (Friends of Europe) официјален избор на Европска Унија.
Изет Меџити – вицепремиер и министер за животна средина
Изет Меџити, претседател на Демократското движење од коалицијата „Вреди“ кој во новата влада ќе биде вицепремиер и министер за животна средина, е роден на 8 февруари 1977 година во Скопје.
Дипломирал Финансиски менаџмент и сметководство на Економскиот факултет во Скопје каде и магистрирал. Покрај албанскиот, од останати јазици, во својата биографија има наведено дека познава англиски и македонски јазик, а од компјутерски вештини Microsoft office.
Работното искуство го започнува како професор во средното економско училиште „Арсени Јовков“ во Скопје од 2001 до 2004 година. Градоначалник на Општина Чаир е во три мандати од 2005 до 2017 година, а пратеник во Собранието станува во 2020 година.
Арбен Фетаи – вицепремиер за политики и добро владеење
Арбен Фетаи, кој во новата Влада ќе биде вицепремиер за политики и добро владеење, е роден во Куманово на 11 декември 1980 година.
Дипломира на политички науки на Бриселскиот слободен универзитет, а специјализира надворешни односи на Институтот за европски студии во Белгија.
Фетаи е секретар за надворешни работи на Алијансата за Албанците и шеф на кабинетот на Арбен Таравари.
Во неговата биографија приложена со Собранието стои дека Фетаи има повеќегодишно искуство во меѓународни институции и фондации во Белгија и Косово, а од 2022 година работи како извршен директор на Институт за јавна политика Арбен Џафери, во Скопје, додека од 2021 е глобален координатор за застапување на Стратешко партнерство финансирано од холандското Министерство за надворешни работи и спроведено од Aidsfonds, во Брисел.
Од 2010 до 2021 година работи како Виш советник за ЕУ политика на два проекти за застапување на глобалните фондови, и за акција за глобално здравје, финансирани од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, во Брисел.
Бил ангажиран и во регионот, работејќи како надворешен советник на ЕУ проекти за градење капацитети на канцеларијата за евроинтеграции во Кабинетот на премиерот на Косово во периодот од 2005 до 2008 година.
Фетаи има двојно државјанство, покрај македонското, во неговата биографија приложена со Собранието стои дека има и белгиско државјанство. Зборува албански и француски како мајчини јазици, а познава и македонски, англиски и холандски.
Иван Стоиљковиќ – вицепремиер за односи меѓу заедниците
Иван Стоиљковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите, кој на предлог на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде вицепремиер за односи меѓу заедниците е роден на 15 февруари 1962 година.
Стоиљковиќ е дипломиран правник, а своето високо образование го завршил на Правниот факултет во Скопје, при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ на политичко – управна насока.
Како мајчини јазици ги има наведено македонски и српски, а од странски јазици вели дека има основно познавање на англиски јазик.
Од дигитални вештини располага со Microsoft 365.
Во неговата биографија стои дека од 2001 до 2019 година ја извршувал функцијата претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија е од 2002 година и тековно.
Претходно, бил основач и директор на Градежно претпријатие „LAMAX CO“ и претседател на Младински совет во Куманово.
Во својата биографија, Стоиљковиќ наведува дека има повеќе авторски текстови, како и бројни придонеси кон српската заедница во државава. Има неколку благодарници и сертификати, а учествувал и на повеќе конференции.
Љупчо Димовски – вицепремиер и министер за политички систем
Љупчо Димовски, кој во новата Влада ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, е роден во Велес на 9 април 1959 година.
Дипломирал на Факултет за економски науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Тој е лидер на Социјалистичката партија, а беше пратеник во Собранието од 2020 до 2024 година, од 2016 до 2020, и од 2014 до 2016 година. Бил претседател и член на повеќе собрански тела.
Во периодото од 2009 до 2014 година беше министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, во 2008 и 2009 заменик на министерот за транспорт и врски.
Претходно бил и генерален директор на ЈП „Паркови и зеленило”- Скопје, стручен советник за организационо-програмски активности во СПМ, а работел и во „Ball Packagin Europe“ – Белград, „Електронска индустрија“ – Скопје, „Технометал – Вардар” а.д. – Скопје, како и во компаниите Maritima Bs.As., Banco Interamericano de Desarollo – BID и Mercado Comuún del Sur – MERCOSUR.
Членувал во повеќе домашни и странски одбори и организации.
Од станските јазици познава шпански, англискиот и српски.
Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија
Тимчо Муцунски, доктор по правни науки, кој ќе го предводи Министерството за надворешни работи во новата влада, е роден на 29 јули 1989 година во Берово.
Тој на функцијата шеф на дипломатијата доаѓа од позицијата градоначалник на Општина Аеродром која ја извршува од 2021 година.
Муцунски докторирал правни науки на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ, каде дипломирал и магистрирал. Бил демонстратор од 2009 до 2015 година, потоа асистент, а од 2019 година е избран и за доцент на Правниот факултет.
Бил пратеник во два наврата во националното Собрание – од 2015 до 2019 година и од 2020 до 2021 година. Од 2015 до 2017 година ја извршувал функцијата заменик министер за информатичко општество и администрација.
Автор, односно коавтор е на над 20 меѓународни и домашни научни трудови. Во делот на домашни публикации, наведено е дека е коавтор на два основни универзитетски учебника и автор на една стручна монографија.
Муцунски учествувал и во неколку меѓународни и домашни научно – истрашувачки проекти.
Одлично го владее англискиот јазик.
Панче Тошковски – министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, кој ќе биде министер за внатрешни работи во новата Влада е роден во Велес на 14 јуни 1982 година.
Дипломира и магистрира на Правниот факултет во Скопје и има положено адвокатски и правосуден испит.
Тошковски беше министер за внатрешни работи и во техничката Влада во 2024 година. Во политиката влегува по повеќе од десетина години работа како адвокат во периодот од 2011 до 2024 година.
Од 2011 до 2013 година бил член на одбор на директори на Акционерско друштво за стопанисување со деловен простор сопственост на Република Македонија, додека од 2008 до 2011 работи како советник во Министерството за транспорт и врски.
Членувал во повеќе комисии, бил обучувач во повеќе проекти. Има положено испит за проценка на недвижен имот при Комората на проценувачи, основна обука за протокол при МВР, како и повеќе обуки и семинари за менаџмент, лидерство и управувачки способности.
Во неговата биографија приложена со Собранието стои и дека работел како приправник во Основен суд Скопје 2 и адвокатски приправник. Покрај македонскиот јазик, како мајчин, одлично го зборува и англискиот јазик.
Гордана Димитриоска Кочоска – министерка за финансии
Гордана Димитриоска Кочоска, која на предлог на ВМРО-ДПМНЕ во новата влада ќе раководи со Министерството за финансии, е родена на 6 јуни 1983 година во Тетово.
Дипломирала на Економскиот факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде била сутдент на генерација 2020-2006 со просек 9,55, по што на Економскиот институт Скопје магистрирала економски науки од областа на финансискиот менаџмент.
Има специјализација и последипломско неформално дообразување во областа на финансии и контролинг: едногодишна Контролинг академија, спроведена од Менаџмент центар Белград, и едногодишна програма за сертифициран сметководствен аналитичар, спроведена од АБИТ Академија, Скопје.
Од странски јазици наведува дека знае англиски одлично и шпански добро, а од компјутерски вештини Microsoft.
Покрај ангажман како дополнителен заменик министер за финансии во техничката Влада во 2020 година, од 2018 до 2020 и од 2020 до 2024 година работела како финансиски консултант во област на контролинг, финансии и даноци во КФК ДООЕЛ. Од 2014 до 2017 година е член на УО и директор за финансии во АД Електрани на Македонија, а претходно седум години работела во Секторот за корпоративно банкарство во Стопанска банка АД Скопје и една година во Министерството за финансии, Кабинет на министер во Сектор за јавен долг и Одделение за единици на локална самоуправа.
Владо Мисајловски – министер за одбрана
Владо Мисајловски е роден на 21.01.1985, Скопје, Македонија. Тој дипломирал на Факултетот за општествени науки, Скопје, Македонија каде се здобил со звање дипломиран политиколог за меѓународна политика и дипломатија, а магистрирал на областа Европска меѓународна политика и дипломатија на истиот факултет.
Од компјутерски вештини познава MC office. Мајчин јазик му е македонскиот, а англискиот го познава одлично.
Во периодот од 2009 до 2010 година тој е Советник за надворешна политика и меѓународни односи во кабинетот на претседателот на Собрание на Република Македонија, а од 2010 до 2011 година е раководител на одделение за поддршка на градоначалникот во Општина Центар.
Мисајловски од 2012 до 2014 година е државен секретар во Министерство за надворешни работи, а во 2014 државен секретар во Министерство за транспорт и врски. Од 2014 до 2015 година, Мисајловски е директор на јавното претпријатие за државни патишта, а од 2015 до 2017 година е министер за транспорт и врски.
Тој во периодот од 2018 до 2020 година бил комерцијален директор Кендо 3 Дооел, Скопје, а од 2020 до 2024 година пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
Весна Јаневска – министерка за образование и наука
Весна Јаневска која ќе биде министер за образование и наука во новата Влада, е родена на 27 јуни 1958 година во Скопје. Таа е доктор на науки на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје, специјалист по патологија. Била пратеник во Собранието на Република Македонија од 2006 до 2008 година.
Од 1990 година работи во Институтот за патологија на Медицинскиот факултет, каде ја реализира професионалната кариера почнувајќи од специјалист патолог, асистент, доцент, вонреден професор, а од 2011 година станува и редовен професор на Катедрата по патологија. Во периодот од 1987 -1990 година била на специјализација во Медицински центар „Др. Трифун Пановски“ во Битола. Како доктор по општа пракса била вработена од 1983 -1987 во Болницата за душевни болести, Демир Хисар.
Од 2009 – 2010 Јаневска била визитинг професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во 2009 година предавач на „International Pristina Summer Unuversity“ во Приштина. Од 2005-2009 година таа била претседател на Здружението на патолози на Македонија.
Јаневска во својата биографија има наведено 48 кратки престои, работилници, симпозиуми, курсеви и конгреси од областа на патологијата од кои 18 се во странство и тоа во Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Азија, Африка. Автор и коавтор е повеќе стручни и научни трудови објавени во интернационални и домашни списанија. Учествувала во повеќе домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти. За исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита добитник е на наградата Повелба „Др Трифун Пановски“ што ја доделува Македонско лекарско друштво.
Јаневска е членка на повеќе професионални здруженија во земјава како и на Европското здружение на патолози и на Интернационална академија по патологија.
Од компјутерски вештини има познавања од Microsoft Office, а од странски јазици одлично ги владее и англискиот и српскиот јазик.
Орхан Муртезани – министер за европски прашања
Орхан Муртезани, кој во новата Влада ќе го води Министерството за европски прашања, е роден во Скопје на 07.06.1984 година.
Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а постипломски студии завршил на Универзитетот Мармара, Истанбул.
Од 2021 до 2023 бил генерален директор и претседател на УО на АД МЕПСО, а во 2019 и 2020 генерален директор и претседател на УО на АД Железници – Транспорт. Во неговата биографија стои и дека бил соновач и директор на Оки Транс Логистик ДОО и директор на Центар ва демократија.
Од 2016 е портпарол на политичката партија Алтернатива.
Зборови албански, македонски, англиски и туски јазик.
Игор Филков – министер за правда
Игор Филков, кој во новата Влада ќе биде министер за правда, е роден во Скопје на 7 јуни 1979 година.
Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
Филков е член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ – „За Наша Македонија“.
Од 2017 до 2024 година работи како управител, приватен сопственик, на „Спектрум Медикал“ Скопје. Претходно работел како консултант, а во периодот од 2004 до 2007 година е надворешен соработник на Проект на ФАО – Канцеларија Скопје (UN Food and Agriculture Organisation). Од 1993 до 2007 година бил вработен во локалната канцеларија во Македонија за Косово на НВО Солидаритес.
Во неговата биографија приложена до Собранието стои дека од компјутерски вештини познава Windows enviroments, Microsoft Advanced Office Pro Sertificate, Internet Research, Email Operative System, Project, Visio… Зборува македонски како мајчин јазик, а од странски јазици познава англиски.
Фатмир Лимани – министер за социјална политика, демографија и млади
Фатмир Лимани, кој ќе го предводи Министерството за социјална политика, демографија и млади е роден во Кичево на 14 јануари 1973 година, со моментално живеалиште во Општина Петровец, Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Универзитетот во Тетово, каде се стекнал со звање дипломиран професор по историја.
Неговото работно искуство почнува во 2005 година, како управител на бензиската пумпа „Голден оил“ во Кичево, по што во 2007 година станува претседател на Движењето „НДРИШЕ“, како и член на Надзорниот одбор на АД „МЕПСО“.
Во 2011 година, Лимани станува заменик генерален директор и член на Управниот одбор на АД „ЕСМ“, каде поминува десет години.
Лимани беше независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево во 2021 година, додека во 2022 стана потпретседател на Движењето „Беса“. Во 2024 година добива мандат за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од редовите на Движењето „Беса“.
Во биографијата приложена до Собранието стои дека мајчин јазик на Лимани е албанскиот, додека има познавање од македонскиот, англискиот и германскиот јазик. Како што е наведено, тој поседува компјутерски вештини од „Microsoft Оffice – Word“, „Excel“, „Power Point“, „Internet Explorer“, „Windows“, „Outlook Express“ и други.
Златко Перински – министер за локална самоуправа
Златко Перински е роден на 14.01.1983, Скопје, Македонија. Дипломирал на Факултетот за физичка култура-УКИМ, каде се стекнал со звање дипломиран професор/тренер, а со магистратура по менаџмент на човечки ресурси се стекнал на Институтот за политичко-правни истражувања-УКИМ/Универзитет за туризам и менаџмент Скопје.
Од компјутерски вештини познава Macintosh, MS Windows и MC Оffice. Мајчин јазик му е македонскиот, а англискиот го познава одлично.
Во периодот од 2009-2012 година тој е основач и управител на Д.Т.У. Био Стем д.о.о.Скопје со дејност претставништво на Грчка банка за матични клетки за Македонија, додека од 2012-2014 година работи и е основач на институцијата: Bio Save d.o.o. Beograd, која е претставништво на Германска банка за матични клетки за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Романија и Хрватска.
Перински од 2014 до 2017 година е управител на С.Ц.Борис Трајковски Дооел Скопје, а од 2021-2022 година бил генерален директор на ЈП. „Водовод и канализација“ Скопје.
Шабан Салиу – министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите
Шабан Салиу, кој во новата Влада ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, е роден на 06.01.1961 година во Гостивар.
Дипломирал на Правен факултет во Скопје, магистрирал на ФОН Универзитет, Скопје, а докротирал правни науки на Универзитет Мегатренд, Белград.
Од 2006 до 2008 година бил пратеник во Собранието, а од 2008 до 2017 директор на Дирекција за заштита и спасување
Претходно, бил член на Совет за радиодифузија,аработел и како адвокат и стручен соработник во Гостивар.
Има објавено петнаесетина домашни и меѓунардони публикации.
Во неговата биографија приложена со Собранието стои и дека од компјутерски вештини познава Microsoft Office (Word, Exel, Power Point, Outlook), Windows. Како мајчини јазици се наведеи ромски и македонски, а од странските јазици познава англиски и српско-хрватски.
Бесар Дурмиши – министер за економија и труд
Бесар Дурмиши, кој во новата Влада ќе биде министер за економија и труд, е роден на 10 јули 1990 година во Тетово.
Дипломирал на Факултетот за економски науки при Државниот Универзитет, специјалистички студии завршил на Факултетот за економски науки при Американскиот Универзитет на Европа во Скопје, а во тек и се магистерските студии на Факултетот по бизнис во Приштина.
Од 2021 до 2024 година е претседател на Советот на Општина Тетово, а во периодот од 2017 до 2021 година бил член на Советот.
Претходно, работел како сметководител.
Во неговата биографија приложена со Собранието стои и дека од компјутерски вештини познава Microsoft Office. Албанскиот јазик е наведен како мајчин јазик, а од странските јазици познава англиски.
Сања Божиновска – министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
Сања Божиновска која од ВМРО-ДПМНЕ е предложена да го води новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е родена во Скопје на 8 јуни 1980 година каде завршила средно образование. Дипломирала Бизнис администрација и студии по политички науки на Англо американ универзитет, Прага, Чешка, а магистрирала на Универзитетот Харвард, САД.
Божиновска е експерт во енергетиката и актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2005 година до сега е активен учесник на повеќе од 100 енергетски конференции, како и клучен говорник, модератор на панели и учесник на работилници во Србија, Бугарија, Романија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Унгарија, Полска, Германија, Чешка, Австрија.
Првото вработување и е во 2002 година како помлад асистент за ревизија во КПМГ, Скопје, а работела и во EZPADA s.r.o., Прага, Чешка, EVN AG/ E&T EnergieHandelsm.b.H, Виена, Австрија, Групацијата Руднап, Белград, Србија каде била извршен директор на сите компании во ЦИЕ за трговија со електрична енергија и во Eng Service Trade, Скопје каде била партнер. Од 2018 година работи како Независен енергетски консултант.
Има македонски и чешко државјанство, а покрај македонскиот течно говори и англиски, чешки, српски, и шпански јазик.
Цветан Трипуновски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Цветан Трипуновски кој од ВМРО-ДПМНЕ е предложен за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е роден на 18 септември 1980 година во Скопје каде дипломирал на Земјоделскиот факултет.
Првото вработување му е во 2005 година во Собранието на Град Скопје како помлад соработник, а бил и директор на Државна фитосанитарна лабораторија, пратеник во Собранието на Република Македонија, во два наврати бил државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, директор на Државен инспекторат за земјоделство, два пати бил дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, советник во ЈП Паркови и зеленило – Скопје и вработен во ВМРО-ДПМНЕ.
Учесник бил на меѓународни студиски посети преку TAIEX инструментот на ЕУ, како и на семинари и обуки организирани од ИРИ, НДИ и Конрад Аденауер за организациски вештини, политики, јавно говорење и менаџмент.
Покрај мајчиниот македонски јазик, Трипуновски одлично говори и англиски јазик.
Стефан Андоновски – министер за информатичко општество и дигитална трансформација
Министерот за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски е роден на 17 април 1991 година во Скопје.
Андоновски дипломирал на Правниот факутет „Јустинијана Прва“ – Скопје, каде е докторанд, а завршил магистерски студии по меѓународни односи и меѓународна економија на Универзитетот Џонс Хопкинс, Школа за напредни меѓународни науки (САИС).
Андоновски ја вршеше функцијата дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација од јануари до мај годинава, а од декември лани е демонстратор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од декември 2023 година.
Бил член на Советот на Град Скопје од октомври 2021 до јануари 2024, а во меѓувреме раководител на Партиски истражувачко-аналитички центар на ВМРО-ДПМНЕ. Работел и како проектен менаџер на маркетинг агенција Block&Roll, специјалист за дигитален маркетинг во USAID/OTI Macedonia Support Initiative 2, имплементирана од Chemonics International, советник за односи со странство во ЗЕГИН Доо, Скопје.
Има објавено повеќе публикации и учествувал во меѓународни проекти.
Од странски јазици навел дека одлично знае англиски и италијански и добро германски јазик.
Арбен Таравари – министер за здравство
Новиот министер за здравство Арбен Таравари е роден на 9 април 1973 година. Тој ја вршеше оваа должност во периодот од јуни до септември 2017 година.
Од 2016 до 2017 година бил шеф на оддел за мигрени, главоболки и други болни синдроми на Универзитетската клиника за неврологија.
Од 2017 до 2021 година беше градоначалник на Општина Гостивар, по што доби и втор мандат.
Таравари е в.д. претседател на Алијанса на Албанците од 2022 година. Од истата година, работи и како професор по предметот „неврологија“.
Тој специјализирал по неврологија во 2006 година на Универзитетската клиника за неврологија. Докторирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 2011 година. Втората специјализација му е по семејна медицина, исто така на Медицинскиот факултет во 2011 година.
Мајчин јазик му е албанскиот, а говори и македонски, англиски, турски, како и српски.
Горан Минчев – министер за јавна администрација
Горан Минчев, кој во новата Влада ќе биде министер за јавна администрација, е роден на 22.03.1972 година во Скопје.
Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитет „Св.Климент Охридски“.
Во периодот од 2008 до 2014 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија, а од 2003 до 2006 година бил директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија
Претходно, од 2002 до 2003 година бил заменик директор на ЈП „Водовод и канализација“, од 2003 до 2006 година ја извршувал функцијата генерален секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија
Во неговата биографија приложена со Собранието стои и дека од компјутерски вештини познава Windows enviroments, Microsoft Advanced Office Pro Sertificate, Internet Research, Email Operative System, Project, Visio. Македонскиот јазик е наведен како мајчин јазик, а од странските јазици познава англиски.
Зоран Љутков – министер за култура и туризам
Зоран Љутков, кој ќе биде министер за култура и туризам е роден на 1 октомври 1977 година во Велес, Македонија.
Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде се стекнал со звање дипломиран драмски актер.
Од компјутерски вештини познава Adobe Premiere pro. Мајчин јазик му е македонскиот, а добро го познава англискиот јазик.
Во периодот од 2006 до 2024 година во НУ Драмски театар – Скопје играл во повеќе театарски улоги меѓу кои „Џерардо, Девојката и смртта“, во адаптација и режија на Васил Христов во 2017 година, „Креонт, Антигона и Креонт“ од Миро Гавран, во режија на Нела Витошевич во 2016 година, „Крал Иби“ од Алфред Жари, во режија на Андреј Цветановски во 2015 година.
Ја играл филмската улога на Турчин во „Прашина“, во режија на Милчо Манчевски во 2001 година, Мирче во „Резервни делови“, во режија на Дамјан Козоле во 2003 година, Славко во „Коски“, во режија на Милчо Манчевски во 2006 година и други.
Од 2010 до 2013 година работи како уметнички раководител во НУ. Драмски театар – Скопје.
Добивал повеќе признанија и награди меѓу кои Награда за најдобра главна машка улога од страна на Интернационален Фестивал на античка драма СТОБИ – Велес во 2021 година, Награда за најдобра машка улога од Интернационален фестивал „Гола месечина” Скопје во 2014 година, како и Награда за најдобар млад актер од Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински – Прилеп во 2002 година.
Борко Ристовски – министер за спорт
Борко Ристовски, кој ќе биде министер за спорт, е роден на 2 ноември 1982 година во Скопје, Македонија.
Дипломирал на Економски факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, каде се стекнал со звање дипломиран економист.
Мајчин јазик му е македонскиот, а одлично ги познава англиски, шпански, португалски и германски јазик.
Во периодот од 2023 од 2024 година работи како извршен директор во Ракометникот клуб РК Вардар Скопје. Повеќе години работел како ракометар во РК Вардар, а во периодот 2022-2023 година работел во ракометниот клуб TBV Lemgo, Лемго, Германија. Во периодот 2018-2020 работел во Benfica, Лисабон, Португалија, а од 2016 до 2018 година во ракометниот клуб Barcelona во Барселона во Шпанија.
Од 2015 до 2016 година работел во ракометниот клуб Rhein-Neckar Lowen, Манхајм во Германија, а од 2014 до 2015 година работел во ракометниот клуб US Creteil, Кретил во Франција.
Се стекнал со признанија и награди, меѓу кои е Медал за заслуги за Македонија од Претседател на Република Македонија во 2017 година, како и Орден за Почесен граѓанин на Република Македонија од Претседател на Република Македонија во 2012 година.