Сакам јасно да кажам дека во моментов Бугарија нема никакви други барања кон Северна Македонија, освен оние наведени во одлуката на ЕУ од минатата година врз основа на договорено со т.н. „француски предлог“, изјави бугарскиот премиер Николај Денков во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата насловена „Ова е Европа“.
– Низ годините нашите односи се влошија и не мислам дека за тоа е виновна Бугарија. Условите мора да се исполнат од страна на Северна Македонија за да се отвори преговарачкиот процес и од тој аспект, не прифаќам никаква критика за нашата земја, рече Денков, додавајќи дека во тука не станува збор за односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквиот став на Денков претставуваше одговор на зебелешката на германскиот европратеник од редовите на Зелените, Рајнхард Бутикофер, кој го праша бугарскиот премиер што ќе стори Бугарија за да ја отвори вратата за влез на Северна Македонија во ЕУ.
– Може ли некој да ги спори искрените европски аспирации на Северна Македонија, која дури си го смени и името за да си ги отвори вратите на Европа, истакна Бутикофер.
Тој додаде дека Денков во обраќањето ниту еднаш не ја спомена Северна Македонија, чиј „влез во ЕУ досега беше блокиран од Бугарија“, додека во исто време членовите на Европскиот парламент можеле да го слушнат говорот на омраза на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
На зебелешката на Бутикофер, реагираше бугарскиот европратеник Андреј Слабаков, кој како и Џамбазки е член на националистичката партија ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД).
– Сакам да му порачам на колегата од Зелените: Не кажувајте дека Џамбаски користи говор на омраза додека тепаат и убиваат Бугари и им забрануваат да се самоопределат, туку дознајте што се случува во Македонија, рече Слабаков.
Џамбаски, кој е копретседател на ВМРО-БНД, во реакцијата на обраќањето на Денков му порача на бугарскиот премиер дека треба да се води од патриотизмот и националните интереси, а не да им служи на странски интереси и наместо да зборува „за авиони, шарени балони и други глупости“, треба да ги истакнува и штити интересите на бугарските граѓани.
Џамбаски нагласи дека Денков треба да говори за високите цени на основните продукти и на енергенсите, кои според него се последица на „зелените политики на ЕУ“, како и за односот кон Бугарите „во Северна Македонија и Србија, каде што до ден денешен им се газат човековите права и се прогонувани“.
Тој воедно ги обвини и европратениците од редовите на либералната групација Да ја обновиме Европа (РЕ) дека не кажуваат ништо „за репресијата, насилството и негирањето на правото на самоопределување“ на Бугарите.
– Во вашата групација има луѓе кои се преправаат дека не го гледаат насилството против Бугарите во Република Северна Македонија, изјави Џамбазки. (МИА)