За лагите и клеветите кон него упатени од страна на опозицијата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски не добил извинување. Не го ни очекувал, но тоа што го бара е правда и некој да одговара пред судските органи.
Во вчерашното гостување на „Наткаст“ кај Љупчо Цветановски, министерот коментираше низа теми од секторот со кој раководи, но зборуваше и за овој „линч“ кој го доживеа, како што вели, затоа што го работи тоа што досега никој не го сработил.
-Кога ќе отворите предмети како нелегалните игри на среќа, кога ќе отворите случаи во Фондот за иновации за кои одговорни се тројца директори наназад, подготвувам и уште неколку предмети кои доаѓаат од моето министерство и од друга страна работите работа која што никогаш не била сработена, 100 нови услуги за шест месеци, нормално е да бодете очи и нормално е да гледаат како да ве омаловажат, да ве дискредитираат и навредат. Еден од начините е да ве обвинат дека сте криминалец, како што се тие криминалци. Но јас на таквите напади морам да вратам. Враќањето го правам на два начини, едниот начин е да си одговараат за навреда и клевета. Доколку биле во право, јас ќе се извинам и ќе ги поднесам трошоците на постапката, но во исто време, некој да ве нарече криминалец и уште неколку страници клевети и навреди, ќе треба да го оправда тоа пред судските органи и да каже зошто така ве нарекол без никаков доказ, рече тој.
Андоновски посочи дека стои на располагање на Државната комисија за спречување на корупцијата која веќе го контактирала министерството и биле испратени сите потребни материјали и документи.
-Немам што да кријам во мојата работа. Во моето министерство работите одат напред, тоа граѓаните го гледаат и го препознаваат. Набавките се прават по цени со 40-50% од тоа што се правеле претходно. Мене нема да ми се случи да потпишам поправка на некаков покрив, а тој да протекува и да пропаѓа, а јас да го платам десетици илјади евра. Мене нема да ми се случува да имам системи како АДА системот, базиран на таканаречена вештачка интелигенција за кој се платени стотици илјади евра од поранешното министерство, а воопшто не функционира. Мене нема да ми се случува компании кои што се финансиери на политички партии да бидат дел од работата на ова министерство. И во исто време, јас не можам да одбијам компании кои нудат ниски цени, квалитетни услуги или квалитетни производи затоа што некој во нивна близина работи некаде. Еве последниот случај кој го отворија, не сакав ни да го коментирам, беше дека некој од вработените во министерството имал роднина кој имал активност во министерството. Замислете, дел од нас имаат роднини во компании кои продаваат гориво, дел од нас имаат роднини и пријатели кои работат во најголемите телеком оператори. Не треба на телефон да зборуваме? Не треба гориво да точиме? Не треба храна да купиме во некој од маркетите затоа што таму некој работи? Јас сум свесен, овие напади ќе продолжат, вели министерот Андоновски.
Порача дека не се плаши, но дека со нападите кон него и неговото семејство, само покажуваат колку се слаби од другата страна. Потенцира дека кривичните постапки кои ќе следуваат, дополнително ќе ги разголуваат тие кои се панични постојано да вадат материјали и да се плашат да се извинат.
Целото гостување на Андоновски, погледнете го во продолжение: