Македонија

Андоновски: Опозицијата неаргументирано обвинува, но граѓаните ја гледаат и ценат работата на Владата

Опозицијата е лицемерна, манипулира и неаргументирано ја обвинува власта дека е изолирана поради тоа што не ги прифаќа ултиматумите на патот за членство во ЕУ, за наводен договор за прием на мигранти од Велика Британија, оти тешко се справува со кризата предизвикана од случувањата на Блискиот Исток, како и дека не работи за интересите за граѓаните, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Но, како што вели, реалноста е поинаква и неа ја гледаат граѓаните кои постојано и даваат поддршка на Владата, што, според него се гледа и од последните анкети.

Андоновски: Опозицијата неаргументирано обвинува, но граѓаните ја гледаат и ценат работата на Владата

Опозицијата е лицемерна, манипулира и неаргументирано ја обвинува власта дека е изолирана поради тоа што не ги прифаќа ултиматумите на патот за членство во ЕУ, за наводен договор за прием на мигранти од Велика Британија, оти тешко се справува со кризата предизвикана од случувањата на Блискиот Исток, како и дека не работи за интересите за граѓаните, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Но, како што вели, реалноста е поинаква и неа ја гледаат граѓаните кои постојано и даваат поддршка на Владата, што, според него се гледа и од последните анкети.

– Пред тргнувањето за Брисел коментарите беа дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирана партија, Владата изолирана, ја води државата кон целосна изолација. Јас бев обвинуван, се сеќавам, не сме дел од пакетот за роаминг затоа што сме биле изолирани. Ете Албанија не претркала. Големи експоненти на СДСМ тоа пишуваа Фејсбук статуси. Во моментот кога бевме присутни во Брисел, читам повторно Фејсбук статуси, тие отидоа да се прошетаат што бараат во Брисел, што бараат во Европската народна партија, и во исто време зошто не прифаќаат се што Бугарија побарала, а нивната претходна влада прифатила. Иако и тогаш велевме, немојте нема потреба, останете цврсти на ставот којшто поминал, и резолуции, и декларации во македонското Собрание, и дајте заедно да најдеме решение коешто решение ќе значи гаранција дека нашите национални интереси ќе бидат сочувани, вели Андоновски.

Додава дека тоа покажува зошто СДСМ не може да биде патриотска партија и покажува зошто СДСМ се соочува со истребување, кое како што нагласува, не е предизвикано од ВМРО-ДПМНЕ, не е предизвикано од некои структури во институциите, туку се должи на неа самата и на нејзиното однесување.

– Таа е разјарена, затоа што не ги држи дури ни своите автохтони социјалдемократски корени на заштита на, да речеме, потомците на АСНОМ, заштитниците на асномска Македонија, ако сакате и комунистичката партија итн. Кога имате таква политичка партија којашто не внимава на корените, и којашто оди по амбасади, еве ќе одам и чекор понатаму, оди по амбасади и ветува дека ако дојдат тие во некоја проширена техничка, полутехничка влада, веднаш ќе прифатат се што се барања од ЕУ и дека не ги интересираат ниту гаранции, ниту ништо. Само процесот да почнал да се тркала според нив, а според нас ќе се тркала во еден затворен тунел од којшто не го знаеме излезот и нема да има никаков крај, вели Андоновски.

Смета дека доколку како партија и Влада се водат од позициите на опозицијата ќе завршат таму каде што завршиле тие во 2024 година, а тоа е на 18 пратеници, и тоа е, како што вели, на нула доверба од граѓаните.

– Уште потрагично за нив, а многу реалистично за нас, ако ги погледате анкетите коишто сега излегуваат овој период ќе видите дека СДСМ е на полоши гранки отколку што била во 2024 година, а ВМРО-ДПМНЕ ја зголемува својата предност затоа што ние се однесуваме онака како што граѓаните бараат од нас, дециден е министерот за дигитална трансформација.

Дека Владата е на добар пат во сите сфери, според Андоновски, говори фактот што добиваат честитки за она што го сработиле.

– И можеби како заклучок, како јас се чувствувам кога ќе отидам во овие држави. Знаете, прво нешто што кажувате, честитки за она што го правите во дигитализација, честитки за она што го правите во реформската агенда. Знаете имате проблем со Бугарија. Но кога ќе ви кажат честитки за првиот дел, ви кажуваат честитки дека нешто вие сте сработиле дома што порано не се случувало. Јас не сум добил коментар од нив заглавивте со законите, не сте спремни за дигитализација, немате нови услуги, не сте се развиле доволно, туку добивам коментар, одлични сте. Едни од најдобрите коишто се справуваат со прашањата коишто на сите им се интересни, со сите се занимаваат, имате проекти, работите во соработка со ЕУ, испорачувате резултати, имате проблем со Бугарија во однос на ова билатерално или не знам дали е билатерално поголемо прашање, вели Андоновски.

Тоа што земјава има добри резултати, нагласува, го прави горд, а пречката која е поставена на патот кон ЕУ нагласува, е пречка со којашто ќе се справуваат. – Ќе дискутираме како на ниво на еднакви за надминување и на оваа пречка, но и како да ги искористиме сите потенцијали коишто ЕУ ги нуди, потенцира министерот Андоновски.

Според него, дека власта работи добро покажува и фактот што презема добри чекори за справување со кризата предизвикана од случувањата на Блискиот исток.

– Мислам дека како ретко кога во минатото, Владата покажува подготвеност, дека ја следи ситуацијата, подготвена е да реагира во секој момент, не ја изненадуваат состојбите и не е држава којашто е реактивна и чека некоја друга држава да преземе некоја мерка па потоа ние да следиме. Не е држава којашто чека помош на границата. Не е држава којашто се однесува како да е под некој патронат на некоја друга држава, туку веднаш реагира за заштита на стандардот на сопствените граѓани, смета Андоновски.

Она што сега се случува во светски рамки, смета, е големо геостратешко поместување и оти промената на соодносот на силите во светот од еднополарен во мултиполарен свет не може да се одвива мирно

– Секогаш во историјата таа промена на баланс на силите се случувала со триења, со искричења, со мали, поголеми конфликти. Двапати се случи со светски војни. Така што не е за очекување дека овој пат таа мултиполарност ќе се случува мирно. И на тој начин се однесуваше и Владата ценејќи ги сите овие околности. Мислам дека мерките коишто се преземаат се навремени. Факт е дека стандардот на граѓаните е нагризан, затоа што цените на горивата растат заради состојбите на Ормускиот теснец, и состојбите генерално со инфраструктурата во Иран, но и на средниот исток. Но мислам дека на подготвен начин реагираме, рече министерот за дигитална трансформација.

Потсети дека е намалена стапката на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, но преземени се и одредени мерки коишто ќе се однесуваат на резервите со мазут коишто се потребни за ЕЛЕМ.

– Секако за очекување се дека ако продолжи оваа нестабилност на Блискиот Исток и релациите со Иран, дека цените ќе растат и на другите производи, заради несигурностите на пазарот, заради пад на берзите, влијанието на горивата во синџирот на снабдување, но ние исто така сме подготвени во постојано заседавање и комитетот којшто одлучува за кризи, и Владата, да реагираме на ваквите ситуации. Така што, сè на сè ситуацијата е непредвидлива, заради тоа што не зависи од внатрешни фактори во Македонија, но многу внимателно ја следиме и реагираме, вели во интервјуто министерот Андоновски.

Нагласува дека и во изминатите две години се соочуваат со проблеми да ја стабилизираат економската состојбата во земјата

– Ние првпат во јануари, имаме стабилизација на инфлацијата, на под нивото коешто е планирано. Имаме стабилизација на растот и очекуван раст којшто се движи од 3,5 до 4 проценти. И кога имате ваков еден замаец којшто е тргнат, навистина вакви светски ситуации многу лошо влијаат на кога вие сте расположени да напредувате и да се развивате и сте планирале раст и намалена инфлација. Но тоа што е, ние сме избрани за да реагираме, потенцира Андоновски.

Притоа тој потсети на лошото менаџирање на власта предводена од СДСМ со Ковид пандемијата, корупциски скандали при набавка на вакцини, лоши економски политики …

– Ние намалувавме долг, намалувавме дефицит изминатиов период, навистина го стегнавме ременот и 24-та и 25-та и влезот во 26-та, и сега имаме ресурси како да влеземе во заштита на граѓаните и мерки коишто се за граѓаните. Ако бевме држава за потсмев и држава којашто броеше штети, којашто следеше што прави светот, сега сме држава којашто може да реагира, којашто може да се справува со предизвиците и којашто ќе ги заштити граѓаните по секоја цена. Нема да ги остави да бидат последни на листата, и нема да дозволиме македонски граѓани да одат во Србија, во Албанија, во Грција, во Бугарија да точат гориво, затоа што еве кризата е со гориво. Правиме се што можеме, особено ресорите коишто се енергетика, финансии, а пред сè премиерот, да ја заштити, да го заштити стандардот на граѓаните и тоа се познава, вели Андоновски.

Тој во интервјуто говореше и за укинување на роамингот со ЕУ и притоа нагласи дека Македонија е држава којашто го предводи процесот на усогласување со барањата коишто од нас ги има ЕК.

– Имаше една одлука, прво барање за одобрение од Советот на ЕК да и одобри да почне процес со земјите од регионот. Сите шест бевме наброени во тој список, и јас се радувам што тука беа ставени и Косово и БиХ, освен Србија и ние три држави коишто сме да речеме понапред во процесот на пристапување. Но, од моите информации дали од ЕУ или од регионот е дека ние сме убедливо први во процесот на усогласување на потребната регулатива и веќе сме во подготовка. Јас сум во дневна комуникација со министерот за надворешни, во подготовка на преговорите односно на точките на преговарање коишто ќе се случуваат наредниов период, коишто ќе значат методолошки како ќе ги прифатиме цените, како ќе се разрешуваат определени спорови, ако настанат промени во регулативата на ЕУ, како тие ќе ги пренесеме кај нас. Но основата, базата тоа е законот за електронски комуникации. Ние веќе го донесовме во владина процедура. Владата го утврди текстот и за да не направиме грешка го испративме во ЕК пред околу две недели и чекаме коментари дали сме на вистинскиот пат, појаснува министерот за дигитална трансформација.

Тој смета дека во 99 проценти, ние имаме исполнето тоа што е наша задача.

– Законот беше работен во една динамична процедура, но целосно усогласувајќи не со коментарите коишто претходно ги давала ЕУ. Имаме ние наши претставници во т.н. тело Берек на Европската унија коишто се дел од Агенцијата за електронски комуникации, одлична соработка меѓу Министерството и Агенцијата. Имаме текст којшто значи либерализација на цените на македонскиот пазар. Ќе чекаме, во моментот кога ќе ги добиеме коментарите од Европската Комисија ќе оди законот во Собрание, ќе биде донесен и веднаш потоа имаме веќе подготвени два подзаконски акти, само чекаме да се донесат во Собрание. Чим законот стапи на сила, подзаконските акти веднаш ќе бидат донесени. И од коментарите коишто ги имаме и со колегите од регионот, ние сме навистина многу напред во овој процес, дециден е Андоновски.

Вели дека ќе биде потребно лобирање за поддршка од страна на нашите меѓународни партнери.

– Јас за ова разговарав на сите досегашни билатерални посети. Имам најавено уште две наредниов период во текот на пролетта со наши пријателски држави членки на ЕУ, и мислам дека и на нив ќе го отворам ова прашање и ќе барам целосно поддршка од нив, затоа што ова ќе биде процес којшто малку ќе биде и политика. Но, ако сме први во исполнување на мерит критериумите, и ако сме први во донесувањето на законите не гледам зошто не да не бидеме први коишто ќе ја добијат оваа поволност од регионот на Западен Балкан. Веќе пристапени се Украина и Молдавија коишто почнаа пет години пред нас. Жал ми е, со ова ќе завршам, што моите претходници во Министерството од 2016, 2017 наваму не нашле за сходно ниту една од регулативите и директивите на Европската унија да ги прилагодат, да ги донесат во македонското законодавство. Ниту една од нив не била штетна за никого, либерализација на цени, полесно градење на телекомуникациска инфраструктура, полесно добивање на дозволи, кабли, легализација на оптичката инфраструктура. Ми е жал што тоа не го направиле, ќе имавме малку полесна работа, а ние сите четири регулативи, директиви ги спакувавме и ги донесовме во рок помалку од осум месеци, појаснува министерот Андоновски.

Тој вели дека не сака да зборува за крајни рокови кога тоа би можело да се случи, бидејќи, како што нагласува, тоа не зависи само од нас како држава.

– Јас, затоа што не зависи само од нас како држава, не би сакал да се фиксирам на конкретен рок. Би сакал тоа да биде се да заврши како обврска во текот на 2026 година. Но останува и на одлука на ЕК. Таму има две струи би рекол, Европската Комисија е подинамична, сака побрзо да се случуваат работите. Државите членки за некои аспекти се малку по побавни, но мислам дека ќе се најде заеднички јазик и дека во текот на 26-та ќе ги завршиме сите потребни активности коишто се однесуваат на преговорите. Нашата обврска којашто ја ставив дека ќе биде со рок 1 март 2026 е веќе исполнета, вели Андоновски во интервјуто за Телевизија Алфа.

Најнови вести од Македонија

To top