Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Општина Прилеп, организираше голем настан по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во Прилеп. Настанот се реализираше во рамки на проектот МКСафеНет, кој оваа година се одбележува по втор пат.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека ова е втора година по ред како Министерството го одбележува Денот на побезбеден интернет меѓу учениците и нагласи дека целта на проектот МКСафеНет е подигање на свеста кај најмладите за безбедно користење на интернетот, превентивно делување и укажување на последиците од неодговорно користење на интернетот.
„Преку проектот досега се опфатени повеќе од 70 училишта низ државата и споделени се алатки и упатства до сите родители и наставници преку Министерството за образование како родителите да имаат поголема контрола врз децата кои користат интернет и да ги заштитат во дигиталниот простор“, изјави Андоновски.
На новинарско прашање дали Владата размислува за забрана на социјални медиуми за најмладите, Андоновски истакна дека таков чекор би бил премногу радикален.
„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор, но секако Владата и Министерството остануваат отворени доколку има иницијатива за дискусија“, нагласи министерот.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и поддршката од Министерството за дигитална трансформација, истакнувајќи дека Прилеп е меѓу приоритетите на Министерството. Како конкретен пример го посочи новиот Центар за услуги на Министерството кој се наоѓа во просториите на секторот за даночна управа во Прилеп.
Преку новиот Центар за услуги на Министерството за дигитална трансформација од сега граѓаните на Прилеп ќе имаат физичка можност да добијат некоја од услугите кои се достапни на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.
Министерстовто за дигитална трансформација продолжува со активности насочени кон зајакнување на дигиталната писменост и унапредување на безбедноста на децата во дигиталниот простор, преку соработка со училиштата, наставниците, родителите и граѓанскиот сектор.