Македонија

Андоновски: Електронската архива и менаџмент на документи (еДМС) значи намалена можност за корупција и брза размена меѓу институциите

Андоновски: Електронската архива и менаџмент на документи (еДМС) значи намалена можност за корупција и брза размена меѓу институциите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на денешната 95-та седница на Собранието на Република Македонија, во одговор на пратеничко прашање даде пошироко објаснување за еДМС, систем кој подразбира целосно електронско управување со документи.

-Овој систем е единствениот што гарантира дека преку електронската архива не може да имате загубени предмети, ниту, пак, предмети во фиока. Распределувањето на предметите се врши до последното лице во институцијата, а со подобрувањата што ги направивме имате целосна контрола на тој предмет, односно во секој момент знаете дали е во фаза на изработка, контрола или потпишување, изјави Андоновски во своето обраќање.

Во делот на сајбер-безбедноста на системот, министерот одговори дека кога го наследиле, постоеле безбедносни слабости, но преку конкретен акциски план истите биле отстранети, така што денес неговата безбедност е загарантирана.

-Во првите два месеци направивме сериозни и темелни тестирања на безбедноста на системот и сите недостатоци, преку акциски план, беа надминати, за денес да бидам сигурен и да зборувам пред вас дека системот не може да биде пробиен во состојбата во која се наоѓа. Податоците што ги имам во моментов се дека е удвоена бројката на документи што се чуваат во системот, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веќе има околу 20 илјади заведени предмети, за краткиот период од користењето на системот, додаде министерот Андоновски.

Во Реформската агенда, во делот на целосното архивско работење на државата, предвидени се три чекори кои, доколку се исполнат, ќе ѝ донесат на државата повеќе од 8 милиони евра, а половина од задачата е веќе завршена.

-Владата имаше обврска да донесе предлог за измена и дополнување на Законот за архивско работење во 2025 година. Во јуни ние доставивме измени кои вие во Собранието ги изгласавте и со тоа ја обезбедивме првата транша достапни средства за Македонија, во износ од 4,2 милиони евра, во делот на Реформската агенда што се однесува на архивското работење, заврши Андоновски.

Министерот изрази жалење што одредени пратеници од опозицијата не дале поддршка на законите за дигитализација што се однесуваат на Реформската агенда, иако дале ветување дека ќе ги поддржат.

Најнови вести од Македонија

To top