Минатиот пат со претставување на постигнатите резултати на Локалните избори се обидов да ви ја доловам моќта на бројките, во смисла на изразување на преференциите на граѓаните-избирачи преку заокружување на една од изборните понуди, т.е. давање на својот глас за една конкретна политичка опција. Бројките се избројани од избирачките одбори, записниците се потпишани од овластените претставници на подносителите на листи на кандидатите за градоначалници и советници, а потврдени од Државната изборна комисија. Денес, збор-два за обидот со зборови(невистинити, манипулативни и лажовни) да се поништат избројаните, утврдените и потврдените изборни бројки(резултати).
Во нашата држава имаме една изборна традиција, како непишано правило, кога на избори(прв круг) надмоќно ќе победи(голема победа изразена со надмоќни бројки) една политичка партија или коалиција предводена од голема и моќна политичка партија(во случајов ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ), веднаш да отпочне “војна со зборови“ дека таа и толкава изборна победа не е победа. Како по правило политичките партии кои очигледно ги изгубиле изборите (во случајот губитничките коалиции на СДСМ и НАИ/ДУИ и партијата Левица) изјавуваат дека “постигнавме завиден резултат“, “дека не ги изгубивме изборите“ и дека “сега ние сме фактори и ние сме влијателна втора политичка сила во државата“. За нивни интерес “одработуваат“ и медиуми кои велат дека “победникот извојувал пирова победа“(што е елементарно непознавање на вистинското значење на тој поим, и секако негова несмасна употреба што граничи со медиумска неписменост), “ВМРО-ДПМНЕ доби 143 000 гласа помалку одколку на парламентарните избори“(што е мешање на баби и жаби).
И сега како да ја окарактеризираме оваа партиско-медиумска папазјанија на еден мизерен композит составен од невистини, манипулации, лаги, спинувања и црна пропаганда(во вид на страотни дезинформации)?
Најпрвин кратко за медиумите: Тие се пример, par excellence, за “Нарцисовото огледало“ на Пјер Бурдие, а тоа се – медиуми прилагодени на менталната структура на губитничките политички партии(СДСМ, НАИ/ДИУ), од кои долго време имале добар бенефит во вид на масни субвенции и сега им возвраќаат со “површинско новинарство“ од “полињата на новинарството“. Би констатирал дека тоа е само обичен грд обид на докажување дека моќта не е само средство, туку и цел. Или површно го читале Орвел во “1984“ или воопшто не го сфатиле. За нив толку. И не заслужуваат повеќе.
А сега за губитничките партии на овие локални избори – СДСМ, ДУИ и Левица и за нивните лидери – Венко Филипче, Али Ахмети и Димитар Апасиев. И што да ви кажам: Во македонската политика, свесното лажење, манипулирањето и прикривањето на вистината, од секогаш имало големо значење. Сепак, во овој случај е изразено до максимум, поточно до најголем апсурд. Да, токму така, до невиден апсурд – тотално е обезвредена релацијата политика – вистина, а односот морал – став/мислење/информација/факт/аргумент е срозен до коска. Тоа несомнено е точно, од една страна, а од друга страна пак, имаме испливување на површина на сета неспособност на политичарите губитници да ја сфатат причинскопоследичната врска на нивните погрешни политики, како и некадарноста да ја прифатат одговорноста за тоа.
Како резултат на таквиот нивни ментален став, за нив моралното водење на политика е недостижно, и во немоќ се втурнуваат кон политизирање, базирано на манипулации, се’ изразено во вид на постизборна гротескна слика на губитнички партии и лидери кои изгубиле секаква смисла за морал, етика и одговорност. Како такви, тие ја нудат лагата на голем расчекор помеѓу нивниот политички говор(во изборите) и нивното политичко дејствување во реалноста. Секој од нив има своја варијанта, прилагодена на нив самите и партиите што ги водат. Тие од петни жили се трудат нивните реторики на лаги, манипулации и измами(на самите себе, на партиските членови и на јавноста) да ги претстават како многу уверливи во вид на многу стилски варијанти, што сепак во крајна линија се поразително неуспешни, од една и единствена причина: говорењето вистина е можна на само еден единствен начин – вистинито. А тоа тие не го прават, со што доживуваат втор голем пораз – постизборен пораз, од самите себе. Првиот пораз, поразот во изборната трка, можеби некогаш и ќе се надмине, ама овој вториов – самопоразот, е многу опасен за нив – образот им го прави ѓон, и тоа извалкан ѓон, кој не го мие ниту едно средство за миење, а богами и не го брише ниту една крпа за бришење. Ете, така завршува образот на мраморните глави, кои поразот како победа го слават.
Како такви само се сместуваат во редот на патолошките политички лажговци – аморални политичари par excellence. Немаат ниту грам совест и секојпат работат во корист на своите цели и лични интереси.
Фокусот во следното јавување ќе биде на мноштвото изборни понуди, проекти, ветувања и начинот на кој изреагираа граѓаните-избирачи.
(продолжува)
Сотир Костов