Македонија ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО ТКИВО

АНАЛИЗА: ВМРО-ДПМНЕ АЛБАНИЈА – ПОЧЕТОК НА ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕГИОНОТ

Откако сите познати инструменти во демократскиот свет, не дадоа резултати за остварување на правата на Македонците во соседството, можеби е вистински момент за обединување на сите околу ,,светото име‘‘ на македонската борба – ВМРО. Едно е сигурно. По повеќе од еден век ништо не може да се загуби, туку само да се добие!

АНАЛИЗА: ВМРО-ДПМНЕ АЛБАНИЈА – ПОЧЕТОК НА ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕГИОНОТ

,,Драги пријатели, со голема радост сакам да ви соопштам една прекрасна вест! ВМРО-ДПМНЕ, Албанија официјално е регистрирана во Судот на Република Албанија!‘‘.

Оваа објава на Елена Симонофски, претседателката на новото здружение на Македонците во Албанија, не е само вест за уште едно регистрирано здружение кое ќе ,,живурка‘‘ со по некој проект, барање одредено право за Македонците и слично. Ова е објава за ново здружение, кое го носи името на најголемата партија на Македонците и е нова реалност, за ново обединувања и подобрувања на статусот на Македонците кај западниот сосед, со силни импликации и пошироко.

Актуелната политичка и невладина сцена во Албанија препознава неколку македонски здруженија: Илинден“, „Преспа“, „Сонце“, „Мир“, „МЕД“ и „Прегор“.

Сите тие низ годините мака мачат да ги подобрат правата на Македонците насекаде низ Албанија, а не само таму каде се признаваат како малцинство и каде успеваат политички да се организираат и да победат, во општина Пустец.

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена македонска партија досега успева да обезбеди мнозинство и градоначалник во оваа албанска општина, но капацитетите се ограничени и се остварливи само тука. Децениските барања за признавање на Македонците и во другите места како Голо Брдо, Корча, Тирана, Драч и насекаде во Албанија, преку реорганизација на локалната самоуправа засега не вродија со плод. Дополнително разединетоста на Македонците при учество на изборите, главно преку членство и кандидатура во една од двете најголеми партии, Демократската партија на Сали Бериша и Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама, досега резултираше само со еден мандат за Васил Стерјовски, како пратеник во парламентот во Тирана. И толку!

Зошто тогаш здружение, како ВМРО-ДПМНЕ, Албанија би значело повеќе за Македонците?

Самото име е тоа што има моќ да ги привлече сите Македонци, каде и да се во Албанија, околу здружението. Ќе овозможи подобра организираност, подобра застапеност и посилни барања за остварување права. Патем неговата цел: да ги обедини сите Македонци во Албанија, без разлика на местото, улогата или политичката припадност – зборува за единствена можност да зборуваат заедно, да дејствуваат гласно и да се изборат организирано за нивните права, идентитет и подобра иднина, посебно во време кога се на силен удар на бугарската пропаганда и тактика на подмитување – пасош за признание за бугарски корења.

Оттаму, ова здружение е само еден чекор од формирање партија, со истото име, партија на сите Македонци, која ќе има влијание на политичкиот живот во Албанија.

Состојбата во Србија е слична. И таму Македонците слободно се организираат, но поделеноста и личните амбиции на поединци прават да немаат успех на изборите. И таму формирање здружение ,,ВМРО-ДПМНЕ Србија‘‘ може да биде само прв чекор кој политичко обединување на сите Македонци кај северниот сосед.

Најинтересно би било во Бугарија, каде македонските здруженија имаат проблем со регистрацијата и покрај 16-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур во нивна корист.

,,ВМРО-ДПМНЕ Бугарија‘‘ би требало да биде следниот чекор и вистински тест за бугарската демократија, посебно што во земјата има регистрирана политичка партија ВМРО-БНД, на Красимир Каракачанов, долгогодишен владеачки коалиционен партнер на екс премиерот Бојко Борисов, чија влада падна токму на македонското прашање.

Ако веќе постои партија со такво име, следен чекор треба да биде ставање на тест на судството на европска Бугарија за регистрирање прво на здружение ,,ВМРО-ДПМНЕ Бугарија‘‘, а потоа и на регистрирање политичка партија која ќе ги исполни децениските барања за права на Македонците, укинати со декрет на Тодор Живков.

Сличен проблем би имало и во Грција, каде здруженијата на етничките Македонци, кои не се Грци по род, се одбиваат во долготрајни судски процеси и жалби, како што беше случајот на Центарот за македонски јазик во Грција, во Лерин. Слично беше и со Здружението, основано под името „Кириј и Методиј”, чие делување грчкиот суд го прогласи за незаконско под образложение дека претставува „обид да се создаде различна јазична и културна заедница во пограничниот регион“, како и на многу други.

Прашање е како би поминала регистрацијата на политички субјект кој во своето име би го содржел акронимот ВМРО, па дури и додавката ДПМНЕ, кога и во оваа ,,лулка на европската демократија‘‘ не се признава ништо што не е грчко!

П.С.

Откако сите познати инструменти во демократскиот свет, не дадоа резултати за остварување на правата на Македонците во соседството, можеби е вистински момент за обединување на сите околу ,,светото име‘‘ на македонската борба – ВМРО. Едно е сигурно. По повеќе од еден век ништо не може да се загуби, туку само да се добие!

To top