Македонија Одлучи да не го дочека крајот на својот втор мандат

АНАЛИЗА: Румен Радев како премиер – разумен демократ или докажан тврдолинијаш

Ако и евентуалната нова стабилна влада на чело со Радев остане на тврдокорните позиции во однос на Македонија, спротивни на сите основни човекови права, права на сопствени идентитет, култура и историја, тогаш или Европа ќе остане слепа или ќе најде решение и за сопственото и за бугарското слепило дека на запад од Софија живее друг народ, за кој тврди дека е братски, а мисли дека е ист!

АНАЛИЗА: Румен Радев како премиер – разумен демократ или докажан тврдолинијаш

Румен Радев, политичка фигура која без конкуренција има највисок рејтинг, над 45 % помеѓу бугарските политичари, одлучи да не го дочека крајот на својот втор мандат како претседател на Република Бугарија.

Истиот го прекина со поднесување оставка во моменти кога источниот сосед се подготвува да оди на 8. предвремени парламентарни избори за 5 години. Неговата желба да ја продолжи кариерата во врвот на бугарската политика беше јасна одамна, а се базира на неговиот личен рејтинг и разединетоста на бугарската партиска сцена, која се дави во корупција, национализам, немање желба за компромис.

Но, тоа што ја прели чашата и го предизвика Радев предвреме да ја напушти претседателската фотеља, е влезот во еврозоната проследен со големи протести, поради се поизвесното осиромашување на населението, билдање на цените до европскиот плафон и искористување на олигархијата за дополнително богатење со преминот од лев во евро. Токму тие што ќе бидат најпогодени, а се бројат со милиони е главниот мотив на Радев да се проба и во парламентарната трка. А, во неа е неколку чекори пред опонентите, бидејќи тие милиони осиромашени Бугари, пред се пензионери и работници се неговите главни поддржувачи и следбеници.  Од таму не изнадува анкетата на Алфа Рисрч направена паралелно со оставката на Радев, според која огромно мнозинство од испитаниците поддржува формирање нова партија, но и изразува голема недоверба во постоечкиот политички систем.

Според друга агенција во Радев веруваат 44% од испитаниците, наспроти 34 кои не веруваат во него. Маркет линкс предвидува дека Радев со новиот партиски субјект би освоил од 20 до 35% од гласовите, што би значело потреба од коалиционен партнер за формирање влада, а како најприфатливи се посочуваат реформистите на екс премиерот Кирил Петков. Но, дали нешто се променило во ставовите на Радев, или како што го нарекува еден аналитичар ,,спасителот од хаосот‘‘? Дали и натаму е скептичен во сега веќе воведеното Евро?

Дали конфронтацијата со олигархијата од удобната претседателска фотеља ќе ја продолжи и од жешката премиерска? Дали и натаму е проруски политичар кој се противи на воената и секоја друга помош на Украина или како ученик на американската воздухопловна академија „Максвел‘ и човек кој од НАТО ги има сите безбедносни сертификати, тесно ќе соработува со сојузниците? И на крајот дали цврстиот став во односите со Македонија, може да го замени со демокатски разум не само за македонскиот евроинтегративен пат, туку и за сопствените граѓани кои се чувствуваат како Македонци?

Опциите се две!

Првата да остане докажан тврдолинијаш. Барем во текот на кампањата со која ќе бара глас повеќе за убедливо парламентарно мнозинство и стабилен премиерски мандат. Проблемите во бугарското општество ќе го принудат прво да се зафати со економска стабилност, зауздување на цените и справување со олигархијата која ќе му се намерачи уште од првиот ден. Украина ќе го следи од првиот ден до постигнување мир. Начинот на кој американскиот претседател Доналд Трамп му пристапува на проблемот веројатно ќе му ги олесни одлуките, кои ќе мора да бидат на линија со Вашингтон. Но, од условот за Македонија за отворање на поглавјата со ЕУ нема да отстапи ниту милиметар, со оглед дека вметнување на Бугарите во македонскиот устав официјално беше негов предлог. За менување на бугарскиот устав исто така нема да стане ни збор, без оглед на критиките од Советот на Европа и од европските партнери. Во моменти кога и на ЕУ и на НАТО им е потребна стабилна Бугарија никој нема да бара нешто што би придонело за тектонски промени во општеството, кое и така е веќе на граница  помеѓу апатија и сериозен бунт.

Втората да покаже демократски капацитет од позиција на најмоќен човек во Бугарија. Неговото „војничко педигре“‘ и контактите со САД, може да влијаат на барање решенија за запрениот македонски евроинтегративен пат, без оглед на ставот „Скопје има проблем со ЕУ, а не со Софија“.

Малку политичко знаење и ,,сојузнички притисок‘‘ можат да придонесеат кон барање креативни решенија, ако се сака стабилност во регионот и навистина братски односи со Македонија, како што често вели Радев. Затворање на уште едно отворено прашање во период на сериозни глобални турбуленции, може да му го зацврсти рејтингот и кај домашната и кај меѓународната јавност и тоа уште на почетокот на евентуалниот премиерски мандат.

Посебно што грбот ќе му го чува заменичката, а сега претседател на Република Бугарија, Илијана Јотова. За тоа да се случи ќе треба да се обнови билатералниот дијалог, кој Софија упорно го одбива. Потоа да се разгледаат сите предлози од македонската страна, за кои Бугарија вели дека се испраќаат на погрешна адреса. И конечно да се признае дека ако Бугари живеат во Македонија, тогаш и Македонци живеат во Бугарија.

ПС

Ако и евентуалната нова стабилна влада на чело со Радев остане на тврдокорните позиции во однос на Македонија, спротивни на сите основни човекови права, права на сопствени идентитет, култура и историја, тогаш или Европа ќе остане слепа или ќе најде решение и за сопственото и за бугарското слепило дека на запад од Софија живее друг народ, за кој тврди дека е братски, а мисли дека е ист!

Најнови вести од Македонија

To top