Дали се сеќавате на познатото ветување на поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев дадено пред локалните избори, кога Скопје и кандидатурата на Петре Шилегов ги стави во залог на својата политичка кариера?
Тогаш Заев рече: Ако го загубиме Скопје ќе си дадам оставка од двете функции. 31. Октомври за мене е all in!
Колку и да беше уверен дека ќе извлече подобар резултат на локалните избори таа 2021 година, таквото ветување како едвај да го дочекаа и членовите и симпатизерите на партијата и неопределените гласачи, кои дури и да имаа симпатии за Шилегов, добија силен мотив да гласаат против него. Всушност, гласаа против Заев и неговите политики кои длабоко загазија во континуирани национални порази и понижувања. На сите им беше преку глава од силеџиските Преспански договор и договорот со Бугарија, од неуспешениот референдум за промена на името, кој волшебно во главата на Заев стана успешен, од ветата од Франција и Бугарија, но и поданичкиот однос кон „Али Баба и 40-те разбојници од ДУИ‘‘.
Шилегов потона како Титаник, Заев замина во историјата (Дубаи), а неговиот чирак Венко Филипче, по катастрофата на екс премиерот Димитар Ковачевски на парламентанрите и претседателски избори, конечно се дограба до тронот на СДСМ, остварувајќи ја и својата и желбата на неговиот ментор Заев, заедно да владеат со партијата.
Решението не му беше по волја на членството. Обременет со скандали како министер за здравство кому во пожар во модуларната болница во Тетово му загинаа 14 пациенти, скандалите со респиратори, провизите за кинеските вакцини, скандалот со онкологија. Па, дури и изборот помина зад затворени врати, без противкандидати, со веќе избран лидер.
Ако досега членството или молчеше или дискретно се одалечуваше од партијата, па и преминуваше во ЗНАМ и други партии, коментарот на Филипче на фотографите на култниот лидер Црвенковски со луѓе од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, се доволен сигнал дека ова лидерство на Филипче и неговото на моменти смешно раководство треба да замине во историјата. Посебно кога ќе цитира изјава на Бранко ,,или си СДСМ или не си‘‘, а самиот бил советник на Тодоров, близок до сите претходни влади и сите претходни министри од лукративни причини.
Не изненадува изјавата на Филипче дека и покрај очекуваниот катастрофален пораз на локалните избори, тоа нема да значи и негова оставка. Тој е убеден дека штом е избран од Заев, ќе си владее со партијата или со тоа што ќе остане од неа, до крајот на мандатот.
Но процесот на негова смена е веќе почнат. Видни партиски интелектуалците се оградија од него или силно го критикуваат, членството се осипува, а очекувањата за осовјување барем ист број гласови како на парламентарните избори, зборува дека во СДСМ ќе има револуција, што би рекле комшиите ,,милом или силом‘‘!
Неговиот пајташ од претходната влада, Али Ахмети, пак подолго време се соочува со губење на членството. Барајќи сламка на спасот, менува имиња на коалицијата, ги заменува силните политички играчи од албанскиот политички кампус со минорни, ја враќа реториката од 2001-ва на маса. Но никому веќе не му е гајле за тоа, никој веќе не го приметува. Смената на Али ќе биде посложена, но ,,свилениот гајтан‘‘ е веќе подготвен, само се бара послушник по примерот на двоецот Заев-Филипче.
ПС
Меша Селимовиќ рекол: Подлизурковците се најлошите луѓе на светот. Најштетни и најрасипани. Тие ја поддржуваат секоја власт. Сеат страв без милост. Ладни како мраз. Остри како нож. Како пци верни на секој режим. Како проститутки неверни на секој љубовник. Најмалку луѓе од сите луѓе.