Помина еден месец откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави резолуција со црвени линии која би активирала прекинување на преговорите со ЕУ, доколку има ново вето од Бугарија.
Иако требаше да биде готова за една недела, предлог резолуцијата се обелодени дури сега, во предвечерието на кампањата за локалните избори.
Интересно е образложението зошто толку долго се подготвувале трите страници текст. За предлог-резолуцијата Филипче вели дека се консултирале бројни експерти од правото и меѓународното право, па затоа требало повеќе време. Но, според содржината изгледа како на текстот да работеле бугарски, а не македонски експерти.
Зошто таква констатација? Поради два клучни елемента, кои не само што не нудат решение, туку се целосно спротивни од повлекување македонски црвени линии во односите со ЕУ и Бугарија.
ПРВА ОТСТАПКА. Иако Филипче јасно најави прекинување на преговорите со ЕУ во случај на ново бугарско вето, во предлогот тоа е формулирано на следниот начин: доколку преговарачкиот процес со ЕУ биде блокиран поради идентитетски прашања или барања кои се надвор од Преговарачката рамка и не припаѓаат на Копенхашките критериуми за членство тогаш (парафразирано): Државниот врв со заедничко писмо има обврска да ги информира највисоките претставници на ЕУ дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со Европската Унија. И ТОЧКА!
Според Филипче, нема потреба да се плашиме дури и во случај на ново вето од Софија, откако Бугарите ќе бидат вметнати во уставот. Тогаш ќе било јасно дека Македонците и Бугарите се два различни народи.
Таквата формулација значи дека на Софија и се остава отворена можност, па дури и се охрабрува, повторно да ја блокира Македонија се до остварување на своите стратешки цели. А, Бугарите во земјава ќе добијат стекнати права од кои нема назад.
Па како може тоа да биде подобра формулација, како што тврди Филипче!?
Како може испраќање писмо со известување да биде подобра формулација од обврска за прекинување на преговорите?!
ВТОРА ОТСТАПКА. Временска рамка за промена на уставот, со краен рок за вметнување на Бугарите во преамбулата до 10 февруари, за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ на 15 февруари 2026-та година.
И повторно временска рамка со обврски само за Македонија, без заштитни механизми. Такви временски рамки не се непознати за политичките лупинзи на СДСМ. Дури и промената на уставното име, која требаше да овозможи отворен пат и за Европската Унија имаше временски рамки и обврски само за Македонија. И повторно без гаранции за ЕУ.
Но, нејасно е како тие експерти и самиот Филипче не ја гледаат погубноста на крајниот чин, вметнување на Бугарите во уставот без гаранции, освен доколку тоа не е нарачано и одработено за бугарски интереси!
Посебно загрижува што политичкото слепило на Филипче и СДСМ не го слуша ниту Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта кој среде Софија јавно најави потреба од гаранции за Македонија за предвидлив и неповратен преговарачки процес. Процес без нови условувања, надвор од преговарачката рамка и без нови вета од бугарска страна. Загрижува и што не го гледаат ангажманот на дел од земјите членки на Унијата, посебно влијателните кои имаат намера да го подржат тој процес, па дури и да посредуваат.
Не навлегувајќи во погрешните интерпретации, па и лаги и небулози од цитираните претходни иницијативи, останува отворено прашањето, што е ново во предлог-резолуцијата за, како што вели Филипче ,,црвените линии – јазикот, идентитетот, историјата и културните особености за кои не се преговара со ЕУ‘‘?
Филипче очекува предлог документот да не се злоупотреби во предизборна кампања. Но, токму неговото објавување темпирано во пресрет на локалните избори, всушност е намера да се влијае на кампањата и некако да се ублажи, според анкетите, катастрофалниот пораз на СДСМ.
ПС
Тоа што се предвидуваше се оствари. Филипче нема ниту план, ниту црвени линии. Со неговата резолуција ем Бугарите би влегле во уставот, ем Софија би продолжила со ветото. А, ние би останале со прстот во уста, како многупати досега.