Македонија СИЛЕН УДАР ПО „ПРЕКРОЈУВАЧИТЕ“ НА ГРАНИЦИ

Анализа на НОВА МАКЕДОНИЈА: Што значи за Македонија Законот за овластување за национална одбрана на САД?

Но клучно прашање во вториот дел од нашата анализа е: Што значи за Македонија и како горенаведениот американски закон би се рефлектирал во нашата држава, преку надворешната политика на САД спрема нашата држава и спрема регионов?

Анализа на НОВА МАКЕДОНИЈА: Што значи за Македонија Законот за овластување за национална одбрана на САД?

Повод: Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година (2)

Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година јасно и недвосмислено се спротивставува на сите идеи за менување граници, етнички прекројувања и „корекции“ на Балканот, без разлика дали тие доаѓаат однадвор, самостојно или во корелација со некои од актуелните влади во регионот што имаат хегемонистички/големодржавни аспирации или, пак, тие идеи за „балкански корекции“ доаѓаат од внатрешни сецесионистички кругови во државите на Западен Балкан (кои исто така негуваат мегалодржавни идеи за отцепување или прекројување на границите во регионов), претставувајќи се преку политички платформи за некакви „демократски интеграции“ за спојување со територии и народи од нашето соседство. Тие идеи имаат и премолчна, но и полујавна поддршка од неолибералните кругови од Европа и Брисел, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.

  • Но клучно прашање во вториот дел од нашата анализа е: Што значи за Македонија и како горенаведениот американски закон би се рефлектирал во нашата држава, преку надворешната политика на САД спрема нашата држава и спрема регионов?

За Македонија, пораката од овој американски закон за овластување за национална одбрана на САД (за 2026 година, потпишан од Трамп), како и за неговата апликативна тежина преку надворешната политика на САД кон нас и кон регионот, има генерално два крупни аспекти:
1. Од една страна е силна „стоп-линија“ за идеи за прекројување на Балканот (било за надворешни или за внатрешни иницијативи).
2. Вториот аспект е препознатлив преку јасната порака дека најголемата битка за опстанок и напредок е внатрешна: продолжување на спроведувањето рапидни системски (а не идентитетски) реформи.

Еден поглед кон првиот аспект: Дали треба да престанеме да се плашиме од сценарија за поделби/прекројување на Македонија?

Во овој аспект, САД (Вашингтон) си поставуваат децидна рамка на политика дека НЕМА да следат решенија како што се „размена на територии“, „поделба“ или „прецртување граници по етнички линии“ како метод за решавање спорови во Западен Балкан! Тоа суштински ја убива легитимноста на опасни „креативни“ идеи што понекогаш доаѓаат однадвор и му се продаваат како „реализам“ на неолибералниот дел на Европа и Брисел.
Во оваа пригода потсетуваме дека Македонија експлицитно е вклучена во дефиницијата за Западен Балкан (заедно со БиХ, Косово, Србија итн.), што значи дека овој аспект на американскиот закон за овластување за национална одбрана на САД апсолутно важи и за нас! Се разбира дека законот не е „магична гаранција“ дека никогаш нема да има притисоци или провокации. Тој е една силна „политичкоправна ограда/бедем“, но реалноста на Балканот често се менува преку внатрешни кризи, институционално слабеење, економска исцрпеност и пропаганда — не секогаш преку отворени планови за граници.

Каков третман според овој закон би имале „внатрешните сили“ што генерираат „внатрешна нестабилност“?

Американскиот документ го третира регионот, вклучувајќи ја и Македонија, како „плуралистичко и мултиетничко општество (НЕ мултиетничка држава), чија целина и стабилност се клучни за поширокиот регион и за Европа“. Во Законот, САД не одат само со политички флоскули, туку напредокот силно го врзуваат со владеење на правото, реформи, борба против корупцијата и дезинформациите.
Токму ова во споменатиот американски закон де факто и де јуре значи дека секој внатрешен наратив што турка кон радикализација, етничко роварење или разградување на државната и институционалната функционалност влегува во категоријата „дестабилизација“ на државата и на регионот и автоматски се вклучува инструментариумот на надворешната политика на САД.
За споменување, а не помалку важно од горенаведеното, е дека во исто време законот ја квалификува корупцијата како една од најголемите пречки и ја нагласува потребата од критични економски и управувачки реформи.

Како Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година ги третира „апетитите“ на нашите соседи?

Во врска со поставеното прашање важи одговорот со истата логика како и генерално за целиот регион на Западен Балкан и за сите држави во него поединечно, вклучувајќи ја и Македонија. Имено, американскиот закон за овластување за национална одбрана битно/суштински ја намалува веројатноста да биде толерирано „редизајнирање на Балканот“ преку менување граници и со етнички мапи.
Ние во Македонија особени сме сведоци на изразени соседски апетити и пропаганди за хегемонизам, ретуширани и ревидирани историски наративи, медиумски кампањи, притисоци околу идентитетски прашања и, секако, блокади по процесите на евроинтегрирање. Затоа, реално треба да се има предвид дека апсолутната безбедност од малигни (соседски) напади не може да има, но има висок степен на одбрана, а и дека просторот за опасни сценарија е потесен. Воедно, просторот за радикални реформи (кај нас), како најдобра заштита од тие малигни влијанија е поголем и поширок.

Спроведените реформи се најдобра превентива од дестабилизација

Во Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година, потпишан од претседателот на САД, Доналд Трамп, практично се наведува дека „Вашингтон поддржува реформи и дека реформите и интеграцијата носат напредок“. Законот де факто ги поддржува европските аспирации на Македонија, преку силна поддршка за „исполнување на бенчмарковите“! А токму тоа значи постигнување стандард или достигнување референтна вредност кон која се цели (во нашиот случај тоа се европските стандарди преку Копенхашките интеграциски критериуми). Бенчмаркингот во економска смисла, која исто така се тангира од американскиот закон, е инсистирање на постапки со кои државава сериозно постапува во анализирање на своите активности, процеси, производи, трошоци… и тежнее да ги достигне оние на држава што е успешна и може да послужи како репер во работењето. Бенчмаркингот што го посочува Вашингтон е системски пристап со кој државите и владите, вклучувајќи ја и Македонија, се залагаат за унапредување и подобрување на своето работење, споредувајќи и усвојувајќи сѐ подобри перформанси. Постојат пет основни чекори што треба да се спроведат за да се реализира успешна споредба. Тие се: планирање, анализирање, интеграција, акција и зрелост. Стратегискиот партнер САД токму тоа го очекува од Македонија. Р.Н.М.

(продолжува утре: Што значи Законот за овластување за национална одбрана на САД за земјите во регионот на Западен Балкан, особено за Босна и Херцеговина и за Косово?)

НОВА МАКЕДОНИЈА

 

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top